Сиљановска-Давкова: Боли егзодусот на најдобрите лекари

Сиљановска-Давкова: Боли егзодусот на најдобрите лекари

пред 6 часа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченото одбележување на 80-годишнината од постоењето на Македонското лекарско друштво, што вчеравечер се одржа во Македонскиот народен театар во Скопје.

Таа упати честитки по повод значајниот јубилеј и потсети дека улогата на Македонското лекарско друштво, како претходник на Медицинскиот факултет, зачетник на медицинската едукација и иницијатор и основач на Лекарската комора, е важен дел од историјата на здравствениот систем во државава.

За неа, јубилејот означува осум децении макотрпна и посветена работа, континуирана, силна поддршка на здравството и на лекарската професија, храбра борба за поздрави граѓани, за функционална и ефикасна здравствена заштита, за пристојно здравство.

Сиљановска-Давкова истакна дека егзодусот на најдобрите лекари, медицински сестри и друг медицински кадар е тешка општествена болест и укажа на итната потреба од негово лекување, преку одлучна битка за задржување на најдобрите дома, во македонските здравствени установи како нејефикасен здравствен процес за надминување на опасната криза на недостиг на кадар, нужен за подобрување на нарушеното здравје на нацијата.

Според неа, мора да знаеме дека здравјето не цвета во разорено и дезорганизирано општество, ниту во партизиран и политизиран здравствен систем во којшто, прети опасност да зацарува профитната логика, па здравствената услуга да се купува и продава, пациентите да не се третираат како личности, а некои лекари да ја заборават светата Хипократовата заклетва.

„Здрави граѓани се раѓаат и развивааат во здрави држави и здрави општества, во коишто болеста се превенира со здрав животен стил во здрава животна средина, со загарантирана здравствена и социјална заштита, со посебна грижа за децата и за семејството, но и со адекватен здравствен работен амбиент”, рече таа.

За претседателката, лекарската професија останува најпочитуваната, најхумната, најпосакуваната.

Таа им упати длабока благодарност на сите лекари за секој спасен живот, секоја победена болест, секој излекуван пациент и изрази восхит кон нив за решеноста и способноста стоички и достинствено да го носат товарот на професијата.

Текстот Сиљановска-Давкова: Боли егзодусот на најдобрите лекари е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top