Сиљановска-Давкова на отворањето на Народната канцеларија: Ова е почеток на поотворена и подиректна комуникација со граѓаните

Сиљановска-Давкова на отворањето на Народната канцеларија: Ова е почеток на поотворена и подиректна комуникација со граѓаните

пред 2 часа

Како резултат на континуираните заложби на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за поголема отвореност и непосредна комуникација со граѓаните, денеска во Скопје беше отворена Народната канцеларија на Претседателот.

Во присуство на бројни граѓани и претставници на граѓанскиот сектор, Сиљановска-Давкова истакна „канцеларијата ќе биде жив простор на дијалог, дебата, едукација и граѓанско учество, место, коешто ќе ги поврзува институциите и заедницата и ќе придонесува за зајакнување на демократската култура“.

За Сиљановска-Давкова, возобновувањето на Народната канцеларија е резултат на домашните искуства и потреби, но идејата е инспирирана од практиката во САД. Целта е да се создаде достапен простор во срцето на градот, каде што секој граѓанин ќе може слободно да дојде, да побара помош, да постави прашање, да предложи иницијатива, или да упати критика.

Во Народната канцеларија таа препознава отворено демократско катче за сите: за граѓаните, невладините организации, средношколците, студентите, пензионерите, а особено за младите кои сакаат да ги искажат своите таленти и знаења.

Повикувајќи на силен граѓански активизам, претседателката укажа дека просторот ќе биде достапен за организирање на трибини, едукативни настани, младински и волонтерски иницијативи, културни и хуманитарни проекти.

Со цел институцијата Претседател да биде подостапна и поблиска до граѓаните низ целата земја, Сиљановска-Давкова ја искажа намерата вакви народни канцеларии да бидат отворени и во други градови низ државата.

Воедно, таа се заблагодари на Националниот младински совет на Македонија за досегашната работа, посакувајќи успешна соработка во идина.

По поздравното обраќање, претседателката оствари средба со граѓани меѓу кои активисти во различни области, доктори, професори, спортисти, студенти, волонтери, како и лицa со оштетен вид.

Тие ги претставија предизвиците со коишто се соочуваат; споделија успешни професионални приказни; дадоа предлози и иницијативи за подобрување на здравствените услуги; побараа поддршка за реализација на општокорисни активности; упатија покани до претседателката за присуство на настани и ги разгледаа можностите за соработка со Кабинетот.

Текстот Сиљановска-Давкова на отворањето на Народната канцеларија: Ова е почеток на поотворена и подиректна комуникација со граѓаните е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top