Сиљановска-Давкова: Празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот

Сиљановска-Давкова: Празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот

пред 3 часа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство и до православните верници.

„Почитуван г. г. Стефан, Чест и задоволство ми е Вам, лично, и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Посакувам празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот.

Верувам дека осветувањето на македонските води ќе ни помогне да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата.

Само со благост, внимание, солидарност и емпатија можеме да го разбудиме божественото во себе, покажувајќи ја вистинската човекова природа.

Свесни дека човештвото е соочено со длабока криза и со тешки искушенија, мора да почнеме да се менуваме себеси, ако сакаме да го промениме општеството. Само морални и мудри индивидуи создаваат силни заедници чии напредок и благосостојба никогаш не се на сметка на туѓата болка и страдање.

Да се радуваме што постоиме, да го цениме и да го почитуваме она што го имаме, материјалните и духовните богатства да ги споделиме со другите. Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина.

Бог се јави!“, пишува во честитката на Гордана Сиљановска-Давкова.

Текстот Сиљановска-Давкова: Празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top