Сиљановска-Давкова: Хидробиолошкиот завод е првата линија на одбрана во борбата против климатските промени

Сиљановска-Давкова: Хидробиолошкиот завод е првата линија на одбрана во борбата против климатските промени

пред 3 дена

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, најстарата македонска научно-истражувачка институција, формирана во 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.

Таа ја истакна незаменливата улога на Заводот во проучувањето, заштитата и афирмацијата на Охридското Езеро, како и во зачувувањето на биолошката разновидност на Преспанското и Дојранското Езеро.

За неа, Хидробиолошкиот завод е жив сведок на човечката упорност и стремеж да се проникне во тајните на природата, обезбедувајќи генерациска мисија за зачувување на езерските екосистеми и истовремено создавајќи научна мисла со меѓународен углед.

Според неа, наш императив мора да биде да го сочуваме и да го одржуваме овој непроценлив животен ресурс. Нашите водени бисери: Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Дојранското Езеро, се наше и светско наследство.

Таа укажа на неопходноста од зголемување на поддршката за Заводот, преку дополнителни инвестиции во опрема и кадровско доекипирање, бидејќи човечките ресурси се најсилниот капитал на институцијата.

Претседателката упати честитки до генерациите научници и вработени во Хидробиолошкиот завод за нивната пожртвуваност и посветеност, истакнувајќи дека нивната работа претставува најдобар пример за хармонија меѓу човекот и природата.

„Посакувам пастрмката да опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а вашиот Хидробиолошки завод да слави и по следните 90 години,“ порача претседателката.

Текстот Сиљановска-Давкова: Хидробиолошкиот завод е првата линија на одбрана во борбата против климатските промени е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top