Финансиската стабилност е заеднички приоритет, но и обврска на финансиските регулатори. Во изминатиот период се потврди дека унапредената соработка меѓу регулаторите и новиот формат на Комитетот за финансиска стабилност, во којшто се вклучени сите финансиски регулатори, придонесува за заедничката цел – финансиската стабилност. Сето ова обврзува на натамошно унапредување на меѓусебната соработка, заради натамошно јакнење на финансискиот систем како носечки столб на економијата.
Ова се дел од пораките од состанокот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, на којшто беше склучен нов меморандум за соработка меѓу двете институции. Со меморандумот значително се проширува досегашниот опфат на соработката и се операционализираат повеќе сегменти на содејствување на двете институции, за коишто во изминатиот неколкугодишен период се оцени дека е потребно заедничко вложување.
Меѓу другото, со меморандумот е предвидено КХВ да доставува поголем сет податоци до Народната банка, коишто ќе се користат во анализите и согледувањата за финансиската стабилност, а предвидено е и кои податоци ќе ги споделува Народната банка со КХВ, во контекст на остварувањето на законските цели и задачи. Со ова значително се надминува претходниот опфат на податоци коишто ги разменуваа двете институции, со што податоците уште повеќе ќе придонесат за градење соодветни политики и носење соодветни одлуки, не само заради одржување на стабилноста, туку и за постојана модернизација на финансискиот сектор.
Исто така, предвидена е размена на податоци меѓу двете институции во процесот на лиценцирање, како и заеднички контроли кај субјектите коишто се предмет на супервизија на Народната банка, односно на КХВ. Со одредбите на меморандумот во овој сегмент прецизно се операционализираат ваквите заеднички активности, од коишто резултатите би биле видливи како на среден, така и на долг рок, бидејќи и дополнително би придонесле за успешноста со којашто се остварува мандатот на двете институции.
Секако, и со овој меморандум се задржува соработката за размена на податоци за статистички цели, имајќи ја предвид и важноста на статистиката во процесите на носењето одлуки, вклучително и од страна на реалниот сектор и инвеститорите.
Во завршницата на средбата, гувернерката, Ангеловска-Бежоска и претседателката, Алити, придружени од претставници на тимовите на двете институции, искажаа решеност за започнување со практичната примена на можностите што ги нуди новиот меморандум за соработка, и тоа веднаш, заради натамошниот развој на економијата чиј стожер е финансискиот систем. Како што беше истакнато, досегашните значајни остварувања треба да бидат поттик за натамошните вакви заеднички залагања.