Со целосна поддршка на советниците од СДСМ, Левица, ГРОМ, и Независни за Карпош, претседателот на Советот на општина Карпош, Бранко Ристов, денеска одржа прес – конференција на која ги информираше медиумите, за заедничкиот став на мнозинството советници во врска со неодамнешната одлука на Владата за одземање на спортската сала „Партизан“ која досега беше во владение на локалната самоуправа.
„Како советници, а посебно јас како претседател на Советот на Општина Карпош чувствуваме обврска да ги информираме карпошани и целата македонска јавност, дека ги отфрламе причините за одземање на салата како и обвинувањата од страна на министерот за спорт кон Општина Карпош како невистинити и неосновани. Особено ги отфрламе обидите целата ситуација да се сведе на ПР-препукување помеѓу членови на владата и градоначалникот Јакимовски. Уште од самото примопредавање на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, ние советниците бевме континуирано информирани од страна на општинската администрација и градоначалникот, за состојбата вклучително и за недостатоците во која е примопредадена салата од страна на Агенцијата за спорт“, објасни Ристов.
Тој посочи дека општинскиот Совет е добро запознаен со целата ситуација уште од самиот почеток, кога Агенцијата за млади и спорт ветувала дека спортскиот објект ќе биде завршен во целост, при што ќе бидат отстранети сите недостатоци и ќе биде набавена соодветна спортска опрема.
„На седница на Седница на совет на 27 септември 2024 година, градоначалникот детално не информира за состојбата во салата и за обидите да стапи во контакт со министерот за спорт, Борко Ристовски. Притоа, сакам да напоменам дека ние како Совет имаме целосно разбирање дека е можно, министерството да нема предвидено или нема доволно средства за довршување на овој објект, и затоа обидите за средба со министерот за спорт беа во насока да се види што може министерството да направи, а што да преземе локалната самоуправа. Како Совет сметаме дека најефикасен начин за остварување на интересите на граѓаните е соработка помеѓу локалната и централната власт. Впрочем тоа е вистинскиот пат на решавање на проблеми меѓу две одговорни институции задолжени од народот да ја водат државата и локалната самоуправа“, истакна претседателот на Совет, Бранко Ристов.
Првиот човек на општинскиот Совет обелодени пред јавноста, дека токму поради молкот од Министерството за спорт за да биде ставена во функција салата „Партизан“, Советот на Општина Карпош одобри финансиски средства за набавка на дел од потребната опрема.
„Во таа насока беше задолжен Секторот за комунално уредување, хортикултурно да го уреди дворот и да постави хидрантска мрежа, додека пак Одделението за енергетска ефикасност да постави штедливо ЛЕД – осветлување во рамки на објектот. Морам да признаам дека целосно сме изненадени од одлуката на Владата да ја одземе салата, со образложение дека наводно ние истата не сме ја ставиле во функција. Со должна почит кон министерот, меѓутоа тој работејќи под погрешни информации ја има доведено Владата во заблуда по што е донесена погрешна одлука“, коментираше Ристов.
Тој беше концизен дека на јавноста и се достапни видео и аудио снимки, во кои може да се воочи дека култната сала „Партизан“ е веќе ставена во употреба.
„Во истиот наводно нефункционален објект, се одигруваат училишните спортски игри во одбојка и во кошарка. Јавни се видео записите каде што во април годинава, градоначалникот Јакимовски ги доделува победничките пехари и од име на Советот ги прогласува и наградува најдобрите учесници со заслужен одмор во Грција. Во меѓувреме, стрелиштето кое се наоѓа во објектов е дадено на користење без надомест на Македонската Стрелачката Федерација и истата инвестира над 150 илјади евра, каде во континуитет се одвиваат тренинзи на оваа Федерација. Со Меѓународниот Олимписки Комитет е договорено токму во оваа сала од 20 до 26 јули да се одвиваат натпреварите во одбојка и пинг-понг на Младинските Олимписки Игри, а целосна логистика на овој настан даваат Одделението за спорт и Секторот за поддршка на градоначалникот. Во исто време тече конкурсот за сите заинтересирани правни и физички лица кои сакаат да го користат овој објект за спорт и рекреација“, образложи Ристов.
Тој потенцираше дека е важно да се напомене оти на одлуката на Македонската Владата да се одземе оваа спортска сала, енергично се спротивставуваат советничките групи на СДСМ, Левица, ГРОМ и на Независните за Карпош, освен советниците од ВМРО-ДПМНЕ, за кои тој лично чувствува дека и тие самите биле затекнати од оваа неочекувана одлука.
„Практично сите сме обединети во одбрана на салата „Наум Наумовски –Борче“. Очекуваме претседателот на Владата господинот Мицкоски и министрите да ја преиспитаат одлуката. Доколку не го сторат тоа, Советот на Општина Карпош ги задолжи службите и градоначалникот да ги искористат сите правни лекови што ни стојат на располагање да ја поништиме оваа одлука на Владата“, наведе Бранко Ристов.
За крај, претседателот на Советот на Општина Карпош уште еднаш упати повик до Премиерот и до Владата на Република Македонија, да донесат разумна одлука која ќе биде во корист на сите карпошани.
„Господине Мицкоски, секоја чест на Владата, разбирам дека од разни причини сте замерени со градоначалникот Јакимовски, но ние од Советот на Општината очекуваме разум и преиспитување на оваа одлука. Ви се ставам на располагање во име на Советот за мирно изнаоѓање на заедничко решение кое ќе биде во интерес на граѓаните на општина Карпош. Бидете убедени дека Советот и Општината, без оглед кој ќе биде во иднина на нејзино чело, како за училиштата и градинките, ќе се грижи и ќе го унапредува и овој објект кој ќе го ставиме на располагање на граѓаните на Карпош а нам ни е посебно чест што го имаме заради неговите архитектонски вредности, функционалност и посебно што го носи името на македонскиот херој, Наум Наумовски – Борче. Ве молиме да бидеме одговорни и заедно да не дозволиме, на ваков начин да му се оддолжуваме на нашиот народен херој“, додаде Ристов.
Текстот Советот на Карпош апелира до Владата да ја преиспита одлуката за одземање на салата „Партизан“ е превземен од МАКФАКС.