Со донација од 2,2 милиони денари за Детската клиника „Козле“, „Алкалоид“ го почна одбележувањето на 90 години постоење

Со донација од 2,2 милиони денари за Детската клиника „Козле“, „Алкалоид“ го почна одбележувањето на 90 години постоење

пред 2 часа

Мотивот „Алкалоидовата куќа“ е дело на македонскиот артист Сатја Грабул по повод 90-годишниот јубилеј

На традиционалниот годишен хуманитарен пикник, кој се одржа денес, вработените во „Алкалоид“ нивните семејства и нивните пријатели собраа 2,2 милиони денари кои ќе бидат донирани на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“. Со овие средства ќе биде набавен современ бронхолошки столб со фибербронхоскоп.

„Особено сме благодарни што ’Алкалоид’, кој како и многупати досега, ја препознава важноста на вложувањето во здравјето и создавањето подобри услови за лекување на најмладите пациенти. Ваквата поддршка е пример за општествена одговорност која создава конкретна и трајна вредност за заедницата“, рече директорката на Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, проф. д-р Катерина Бошковска.
Станува збор за специјализирана медицинска опрема која овозможува директен и прецизен преглед на дишните патишта со помош на тенок и флексибилен инструмент со оптички систем. Опремата се користи за навремена дијагностика и третман на белодробни заболувања кај децата, како и при итни состојби предизвикани од вдишани туѓи тела во дишните патишта.

Особено сум горд на големото семејство алкалоидовци, рече генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, рече дека е особено горд на големото семејство алкалоидовци.
„Зад секој успех и секое достигнување на ’Алкалоид’ стојат луѓето: оние кои ги поставиле темелите, оние кои продолжиле да градат и оние кои денес ја носат компанијата напред. Особено сум горд на големото семејство алкалоидовци, кои и овојпат покажуваат дека припадноста кон компанијата се препознава и преку човечноста, солидарноста и подготвеноста да се помогне таму каде што е најпотребно. Посебно ми е драго што годинашната донација е наменета за подобри услови за лекување на најмалите, зашто тоа е суштината на нашата мисија: здравјето пред сè!“, рече директорот Мукаетов кој е и претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ преку која се реализираат донациите.
Првиот хуманитарен пикник се одржа во септември 2011 година, по повод 75-годишниот јубилеј на компанијата. Со текот на годините иницијативата прерасна во традиционален хуманитарен настан, чиј континуитет беше привремено прекинат единствено за време на ковид-пандемијата.
Од првиот Хуманитарен пикник до денес собрани се близу 14 милиони денари наменети за поддршка на здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, деца, лица со ретки болести, ранливи категории и лица од третото доба, како и за иницијативи за заштита на животната средина.

Од првиот Хуманитарен пикник во 2011 година до денес собрани се близу 14 милиони денари. – Од денешниот пикник

Хуманоста, грижата и заедништвото годинава добија и свој визуелен израз на традиционалните маици за Хуманитарниот пикник. Мотивот „Алкалоидовата куќа“, создаден од македонскиот артист Сатја Грабул по повод 90-годишниот јубилеј, ја пренесува идејата за припадност, блискост и солидарност, кои, всушност, се вредностите што го поврзуваат големото семејство на „Алкалоид“. Хуманитарниот пикник беше првиот настан за прослава на 90 роденден на „Алкалоид“.

Текстот Со донација од 2,2 милиони денари за Детската клиника „Козле“, „Алкалоид“ го почна одбележувањето на 90 години постоење е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top