Спасовски: Со ребалансот капиталните инвестиции достигнуваат 46 милијарди денари, односно зголемување за 14,5% во однос на планираниот буџет

Спасовски: Со ребалансот капиталните инвестиции достигнуваат 46 милијарди денари, односно зголемување за 14,5% во однос на планираниот буџет

пред 4 часа

На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски кој оцени дека предложениот ребаланс на Буџетот за 2026 година претставува развоен, реален и финансиски одржлив документ, кој што е во интерес на граѓаните и државата.

Тој нагласи дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат 46 милијарди денари, што е зголемување од 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти во однос на првично планираниот буџет.

„Со ребалансот на Буџетот за 2026 година обезбедуваме дополнителни средства за капитални инвестиции кои достигнуваат 46 милијарди денари и се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, што е зголемување за 14,5% во однос на планираниот буџет. Средствата за платите и надоместоците се зголемуваат за 1,1 милијарда денари достигнувајќи 53,7 милијарди денари. Субвенциите и трансферите растат за 3,9 милијарди денари или 10,4%. Овие средства одат за земјоделство, железнички сообраќај, студентски и ученички стандард, породилно боледување, мој ДДВ и други приоритетни расходи. Социјалните трансфери растат за 2,2 милијарди денари“, рече Спасовски.

Во своето обраќање, Спасовски истакна дека предложениот ребаланс обезбедува повеќе средства за инфраструктура, здравство, образование, социјална заштита, спорт и култура.

„Ова значи дека овој ребаланс предвидува подобра инфраструктура, повисоки плати и пензии, подобро здравство, подобро образование, повеќе грижа за ранливите категории, повеќе за спортот и културата. Во патната инфраструктура продолжува реализација на коридорот 8 и коридорот 10Д и автопатот Скопје-Блаце, за кој денеска во Владата се потпиша договор и конечно македонска компанија ќе го гради овој автопат. Во железничката инфраструктура продолжува изградбата на источниот дел од железничкиот коридор 8, делницата од Бељаковце до Крива Паланка“, вели Спасовски.

Тој додаде дека, според него, ребалансот има за цел забрзан економски раст и спроведување на фискална консолидација преку строга фискална дисциплина.

„Овој Буџет е исклучиво реален и развоен со вклучена социјална компонента и има за цел остварување на забрзан економски раст и спроведување на фискална консолидација преку строга фискална дисциплина. Тој вложува во патишта, вложува во училиштата, вложува во студентите, вложува во општините, вложува во социјалната сигурност, вложува во економскиот раст на државата и најважно од се вложува во граѓаните“, истакна Спасовски.

Текстот Спасовски: Со ребалансот капиталните инвестиции достигнуваат 46 милијарди денари, односно зголемување за 14,5% во однос на планираниот буџет е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top