Спасовски: Укинувањето на техничката влада не е реформа, туку чекор назад

Спасовски: Укинувањето на техничката влада не е реформа, туку чекор назад

пред 5 часа

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска изјави дека укинувањето на техничката влада не претставува реформа, туку чекор назад, обвинувајќи ја власта дека без политички консензус и широка дебата сака да го смени Законот за Владата по скратена постапка.

На собраниската седница за измените на Законот за Владата, Спасовски истакна дека наместо суштински реформи, парламентарното мнозинство се фокусира на укинување на техничката влада, што според него не е приоритет на реформската агенда.

Тој потсети дека актуелниот премиер, Христијан Мицкоски, во 2018 година барал повторно воведување на техничката влада со важност до членството на земјата во Европската Унија, оценувајќи дека институциите тогаш немале доволен демократски капацитет.

„Сега се нуди сосема спротивен став, без аргументи дека институциите се значително подобрени. Не само што не треба да се укине, туку има дополнителни причини зошто треба да остане“, рече Спасовски.

Тој нагласи дека измените на вакво законско решение треба да бидат резултат на договор меѓу политичките партии, бидејќи и самото воведување на техничката влада било производ на политички договор меѓу четирите најголеми партии.

Спасовски најави дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе гласа против предложените измени, оценувајќи дека нивното носење по скратена постапка покажува отсуство на вистински политички дијалог.

Текстот Спасовски: Укинувањето на техничката влада не е реформа, туку чекор назад е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top