Спасовски: 2021 е година со најмал број на жртви во сообраќајот

пред 3 години

Безбедноста во сообраќајот веќе подолго време ја третираме како приоритетен сегмент од особен јавен, односно општествен интерес, преку кој се пресликува нашата посветеност за создавање на безбедни средини за граѓаните. „Вози како секое дете на улица да е твоето“ – така гласи моето мото како учесник во сообраќајот и се трудам секогаш да го почитувам. Бидејќи за безбедноста во сообраќајот сме одговорни сите! Тргнувајќи од самите себе како поединци, и секако, сите чинители во општеството, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на тркалезната маса на тема “Безбедноста на пешаците во сообраќајот“ што се одржа во организација на Факултетот за Безбедност при Универзитетот „Св.Климент Охридски“.

Во своето обраќање министерот Спасовски, потенцирајќи ја не само важноста од стриктното почитување на сообраќајните прописи и правила, туку и драстично интензивираните напори на министерството во преевентивно-репресивното делување во областа на сообраќајот пред се подледниве неколку години, презентираше низа статистички показатели при што особено го акцентираше фактот дека како резултат од тие полициски активности евидентен е падот на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.

„ Според статистичките податоци, а на мое големо задоволство – бројката на жртви постојано паѓа. Така, минатата 2021 година ја завршивме како година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години – 116, а најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје, кое важи за подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќајот. Притоа, како производ на зајакнатите акциски контроли во сообраќајот, кои очигледно даваат резултат, се регистрираните над 992 илјади превентивно – репресивни мерки во последните пет години, против прекршителите на сообраќајните правила и прописи, во најголем дел за брзо возење. Тоа придонесе за континуирано намалување на бројот на жртви, а со самото тоа и постапно остварување на нашата цел, па ако во 2013 имаше 198 жртви, во 2016 тој број беше 165, во 2017 – 155, 2018 – 133, во 2019 – 132, во 2020 – 125, во 2021-116“.

Засилените контроли продолжуваат со несмален интензитет и во 2022 година, сè со цел да придонесеме оваа година да биде најбезбедна досега. Податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Имено, во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022“, нагласи министерот Спасовски.

Според Спасовски, од аспект на надлежностите полицијата во делот на сообраќајот, фокусот беше ставен како на квантитативно засиленото полициско работење во контролата на сообраќајните правила и прописи така и во делот на дополнително полициско материјално-техничко опремување за ефикасно извршување на интензивнираните задачи во тој сегмент почнувајќи од новите радарските контролни системи, мобилните системи за снимање па се до нови дрегери за алкотестирање.

„ Со набавка на модерни, технички високософистицирани радари, сите опремени со уред и за ноќно снимање, далеку посупериорни од малкуте дотогашни, следствено на актуелните европски полициски стандарди во овој дел од полициското работење, нашата сообраќајна полиција е единствена во регионот која е комплетирана со уреди од последната генерација, од кои невозможно е да се избрише снимениот материјал“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски, исто така посочи дека полицијата активно работи и на полето на превенцијата и едукацијата – во насока на драстично подигање на нивото на сообраќајната култура, притоа особено таргетирајќи ги младите и децата.

„ Се разбира, МВР реализира превентивни активности и во соработка со нашите партнери од граѓанскиот сектор, општините, училиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а од неодамна и со Факултетот за безбедност, со кој имаме долгогодишна соработка во повеќе сегменти, а сега заеднички ја спроведуваме и актуелната кампања за пешаците под мотото „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место! Уверен сум дека само со активен ангажман на сите чинители во општеството ќе дојдеме до посакуваниот резултат – поголема безбедност на патиштата.“, истакна на крајот од своето излагање министерот Спасовски.

Share
Scroll to Top