Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи,оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Грција, Русос Кундурос, со кого разговараа за актуелни теми поврзани со економијата, економската соработка помеѓу двете земји и активностите на Република Северна Македонија поврзани со интеграцијата во ЕУ.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека економската соработка помеѓу двете земји е на традиционално високо ниво, при што Грција е четврти трговски партнер на Северна Македонија, како и дека соработката има потенцијал и понатаму да се развива, што е во взаемен интерес на двете земји, информираат од кабинетот на Битиќи.
Амбасадорот Кундурос ја истакнал интенцијата на Владата на Грција да продолжи со градење на цврсти економски односи и унапредување на билатералната соработка, а притоа го потврдил ставот дека ќе ја поддржи Северна Македонија во спроведувањето на реформите потребни за целосна интеграција на земјата во Европската Унија.
Како една од главните теми за разговор била издвоена соработката во енергетскиот сектор, за кој вицепремиерот и амбасадорот се согласиле дека постои голем потенцијал, ако се земат во предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александрополи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји, со кое Република Северна Македонија ќе добие нов извор за снабдување со овој поеколошки и поевтин енергенс, а со тоа и можност да стане регионален центар за понатамошен транзит и дистрибуција на гасот на земјите од регионот.
Двете страни изразиле согласување дека во периодот кој следи ќе продолжат со интензивна меѓусебна комуникација за унапредување на економските односи помеѓу двете пријателски земји, а со крајна цел обезбедување на побрз и одржлив економски раст и подобри услови за живот на граѓаните.