Премиерот Зоран Заев вчера имаше средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во нашата земја, Кејт Брнз.
На средбата се разговарало за неодамна усвоениот владин План за борба против корупцијата, информираат од кабинетот на премиерот.
Притоа премиерот Заев истакнал дека Владата е целосно посветена на спроведување на овој план како организиран процес за зајакнување на капацитетите и за синхронизирање на активностите на институциите за бескомпромисна борба против корупцијата, непотизмот, судирот на интереси и злоупотреби на позициите.
Премиерот Заев и амбасадорката Брнз разговарале и за реформите предвидени со Агендата „Европа дома“, во која, освен утврдените чекори за борба против корупцијата, се вклучени и мерки за обезбедување европски стандарди за изборните реформи, за правосудството, темелните човекови права, реформите во медиумската сфера, економско владеење, реформа на јавната администрација, како и за реформите во областа на животната средина и климатските промени.
Од кабинетот на Заев додаваат дека посебно внимание двајцата соговорници посветиле на можностите за унапредување на економската соработка и за пројавениот интерес на некои компании од САД да инвестираат во Северна Македонија.