Стаменкоска Трајкоска: ВМРО-ДПМНЕ секогаш се стреми кон повисоки плати за наставниот кадар

пред 3 години

Денес Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Предлог на закон за дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, по скратена постапка, истакна Бети Стаменкоска Трајкоска, пратеник на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Се работи, како што појасни таа, за идентичен закон со законот што го имаат поднесено од СДСМ, кој, како што нагласи, го користат за манипулации на јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ било против зголемување на платите на наставниците и подобрување на воспитнообразовниот процес.

„Значи се работи за ист закон, но едиствената разлика е тоа што во овој предлог закон го нема делот со кој СДСМ сака да си ги згрижи своите партиски војници во образованието и наместо квалитет во наставниот кадар сакаат да извршат груба партизација што ќе биде на штета и на образовниот процес и на штета на нашите деца. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сака и секогаш се стреми кон повисоки плати за наставниот кадар и токму затоа го поднесуваме овој закон“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

За да се обезбеди квалитетен образовен процес преку професионалниот и кариерниот развој на наставниците и стручните соработници потребно е додаде пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да се зголеми нивната мотивација. Со зголемување на нивната мотивираност, смета Стаменкоска Трајкоска ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес во Македонија. За таа цел нагласи дека е потребна економска сигурност на наставниците и стручните соработници и вреднување на нивниот труд кој се постигнува со пораст на платите.

„Токму заради елиминирање на досегашната нееднаквост во однос на исплатата на платите во Републиката, со законот ќе се создаде правна сигурност со која платите во образованието ќе се усогласат по колективен договор, со минималната плата на национално ниво. Исто така, со овој предлог закон ќе се тргне маската на СДСМ и парламентарното мнозинство за наводната грижа за зголемувањето на платите на наставниот кадар и ќе се види дека нив единствено ги интересира партизација на основните и средните училишта со несоодветни кадри“, потенцира Стаменкоска Трајкоска.

Share
Scroll to Top