Стипендистите по студирањето не се враќаат во Македонија иако во нивното образование вложени се пари од буџетот, велат од Левица

Стипендистите по студирањето не се враќаат во Македонија иако во нивното образование вложени се пари од буџетот, велат од Левица

пред 3 месеци

Македонија со години финансира одлив на мозоци – стипендистите се заборавени и игнорирани од државата, велат од политичката партија од Левица,  информирајќи дека сé уште не е донесен закон со кој би се уредиле механизмите со кои државата би ги ставила овие високо образовани кадри во служба на Републиката.

„Неодамна на веб-страницата на Министерството за образование и наука се објавени најновите конкурси за доделување стипендии за академски студии во странство, кои години наназад ја докажуваат девастирачката и неодговорна политика на партиите на власт кон младата популација и иднината на државата.

Имено, иако овие конкурси имаат за цел создавање на стручни и научни кадри кои треба да придонесат за развојот на Република Македонија, во пракса се случува сосема спротивното. Државните стипендисти на најпрестижните и најскапи светски универзитети по завршувањето на нивните студии се целосно игнорирани од институциите на системот!

Поразителни се информациите кои стигаат до Левица дека голем дел од корисниците на државните стипендии за студии во странство по завршувањето на студиите воопшто не се враќаат во државата, а од страна на државните институции наидуваат на целосна незаинтересираност за нивната иднина и кариера, иако во нивното образование биле вложени значителни средства од државниот буџет. Една од причините за оваа катастрофална државна кадровска политика е што по скоро 15 години постоење на овие државни стипендии, сé уште не е донесен закон со кој би се уредиле механизмите со кои државата би ги ставила овие високо образовани кадри во служба на Републиката!

Парадоксално, ДПМНЕ, СДС и ДУИ на овој начин стимулираат и субвенционираат трајно иселување на способни и амбициозни млади лица од Македонија, кои поради игнорантскиот однос и неспособноста на нашите институциите, се овозможени со стекнатата диплома полесно да дојдат до атрактивни работни места низ светот, без да имаат било какви обврски кон државата што ги финансирала нивните студии.

Ова ја потврдува неспособноста и незаинтересираноста на партиите на власт низ годините, ДПМНЕ, СДС и ДУИ, да управуваат со државните ресурси и кадри на еден одоговорен начин. Напротив, нивната кадровска политика е целосно наклонета кон медиокритетот и партиските послушници, поради што државните институции и претпријатија се сé помалку функционални и во распад, а најдобрите македонски кадри заминуваат во странство и придонесуваат со своето знаење и труд за добробитот и развојот на туѓи држави.

Левица се залага за носење на соодветна легислатива со која државните стипендисти во странство и најдобрите студенти во домашните универзитети, по завршување на нивните студии би добиле автоматско вработување во државните органи, здравствени клиники и претпријатија, на одговорни позиции и со заработувачка соодветна на нивните квалификации и потенцијал.

Единствено преку вреднување младите по нивната кадарност и знаење, а не по партиска или етничка припадност, може да се запре иселување на младите и одливот на мозоци кои се засилува како последица на неспособноста и корумпираноста на партиите на власт“, велат од Левица.

Текстот Стипендистите по студирањето не се враќаат во Македонија иако во нивното образование вложени се пари од буџетот, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top