Стојкоски: Општината Ѓорче Петров заглавена во долгови од претходното раководство

пред 3 години

Актуелниот градоначалник на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, изјави дека долгот на општината е околу 139 милиони денари. Објаснувањето следеше откако од него беше побарано да одговори дали општината е заглавена во долгови од претходниот градоначалник.

„За жал, општинските долгови се многу големи. Со пресекот кој го добив утрово, до 31.10, по доспеани фактури, долгот изнесува околу 139 милиони денари, ненаплатени парични побарувања. Тоа е голема сума на пари. Негде над 2 милиони евра. Дополнително имаме скоро исто толкава сума на пари по однос на склучени договори, но тоа зависи како ќе се реализира со понатамошниот дел од буџетската година. Тоа што го разговарам со луѓето од Секторот за финансии се очекувања, ова што го кажав како затекнати и ненаплатени долгови, да стигне повеќе од 180 милиони до крајот на годината. Но, за тоа ќе можеме релевантно да кажеме по пресекот на четвртиот квартал. Дополнително на тоа, имаме четири кредити, дел завршуваат наредната година, дел почнуваат по период од една до две години. За жал, финансиската позиција на Ѓорче Петров не ни е сјајна. Затоа ќе мораме да се однесуваме подомаќински и поодговорно, доколку сакаме, а сакаме да излеземе во пресрет на реалните потреби кои ги имаат граѓаните во Ѓорче Петров и да реализираме капитални проекти“, кажа Стојкоски.

Запрашан за став околу најавата на новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска која рече дека ќе се обиде да ги пренасочи средствата од проектот за „БРТ“, новиот градоначалник на Ѓорче Петров истакна дека не е доволно запознаен со тој проект.

„Искрено од тоа што го имав како сознание во кампањата, сега не сум навлезен во тој проект. Тоа е капитален проект на Град Скопје. Мене како жител ми пречеше тоа што Ѓорче беше исклучено од самиот проект, бидејќи за почетна станица беше постоечката станица на ЈСП во Ѓорче која е во почетниот дел и не опфаќа еден голем дел од општината. Ние располагаме со државно земјиште, кое ќе и го предочам на градоначалничката, за да размислат за префрлање на таа базна станица на друга локација, да го ослободиме централниот дел на Ѓорче. Тука би можеле да направиме нови паркови содржини во тој дел. Едноставно најурбаниот дел на Ѓорче Петров ни е окупиран со гаражи. Јас повеќе би се насочил во тој дел, во однос на тоа што ќе го барам како градоначалник на Ѓорче Петров. Она на делот на БРТ не би можел да изнесам повеќе факти, бидејќи реално не ми се познати“, кажа Стојкоски.

Share
Scroll to Top