Судска медицина утврди: Во саламата што децата ја нашле кај игралиште во Расадник имало опасен отров

Судска медицина утврди: Во саламата што децата ја нашле кај игралиште во Расадник имало опасен отров

пред 3 часа

Институтот за судска медицина утврдил присуство на инсектицидот метомил, во јавноста познат како ланате, во парчиња салама пронајдени во населбата Расадник во Општина Кисела Вода, во непосредна близина на детско игралиште. Информацијата денеска ја соопшти ЈП Лајка, од каде предупредуваат дека станува збор за високо токсична супстанца која претставува сериозна опасност и за животните и за луѓето.

Според претпријатието, сомнителната храна била забележана од деца кои играле во близина на игралиштето. Откако биле предупредени од претходни апели за внимателност, тие веднаш ги известиле своите родители, кои се обратиле до ЈП Лајка.

„Загрижените родители се обратија до ЈП Лајка, по што сомнителната храна ја однесовме во Институтот за судска медицина на токсиколошко испитување. Таму се потврдија сомнежите дека станува збор за ланате“, велат од претпријатието.

Од Лајка потсетуваат дека во истата населба на 15 мај беше регистрирано масовно труење на домашни и бездомни кучиња и мачки, при што отровот бил расфрлан на повеќе јавни површини и во близина на станбени згради.

Метомилот е инсектицид кој поради неговата висока токсичност е одамна забранет за употреба и увоз во Македонија и во земјите на Европската Унија. Според ЈП Лајка, отровот најчесто се злоупотребува за труење животни, а неговото дејство може да биде фатално и за луѓето.

Оттаму посочуваат дека труењето со оваа супстанца кај животните предизвикува тешки симптоми како губење на силата, грчеви, пена на устата и гушење, а во Македонија веќе биле регистрирани и смртни случаи кај лица кои дошле во контакт со инсектицидот.

„Само еден грам од овој инсектицид може да предизвика смрт кај човек тежок 70 килограми“, предупредуваат од Лајка.

Претпријатието апелира до надлежните институции да преземат мерки за откривање на сторителите и да утврдат како забранетата супстанца се внесува во земјава и завршува на јавни површини.

Воедно, од Лајка изразија благодарност до Институтот за судска медицина и до директорот, проф. д-р Александар Станков, за подготвеноста да вршат токсиколошки анализи и во иднина.

Оттаму потсетуваат дека расфрлањето отровни материи на јавни места не претставува само злоупотреба на пестициди, туку и закана за јавното здравје и безбедноста на граѓаните. За неовластено производство, постапување и промет со опасни материи Кривичниот законик предвидува и затворски казни.

Од ЈП Лајка ги повикаа граѓаните доколку забележат сомнителна храна со бела прашкаста материја да не ја допираат без заштита, да ги оддалечат децата и животните од местото и случајот веднаш да го пријават во полиција и во претпријатието.

Текстот Судска медицина утврди: Во саламата што децата ја нашле кај игралиште во Расадник имало опасен отров е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top