Новиот министер за здравство, Арбен Таравари, најави дека почнува со разрешување на економските директори на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на кои им е истечен мандатот, и дека постапката ќе продолжи и за другите што вршат ваква функција, но откога ќе се направат потребните законски измени.
Таравари очекува за два месеца повеќе да нема економски директори.
„Денеска, ќе бидат разрешени 7-8 директори од вкупно 14, односно оние на кои им е истечен мандатот за в.д. директор. Како ќе им истекува мандатот, сите в.д. и другите ќе бидат разрешни. Имаме и директори што се со решение и за нив ќе треба да се направат законски измени. Но, јас очекувам за два месецa повеќе да нема економски директори“, рече Таравари при посетата на хируршките сали на клиниката за ТОАРИЛУЦ, кои беа затворени поради непознат мирис.
Таравари најави дека како министер ќе се зафати првин со овој проблем.
„При денешната посета ми беше кажано дека во одредени хируршки сали нема мирис, а во одредени има. Јас очекувам да добијам извештај од досегашните испитувања и да видиме како најбргу да го решиме овој проблем. Ми требаат неколку дена за да донесам одлука, дали ќе одиме со решавање на проблемот со отварање нова набавка и инсталирање комплетно нов систем или ќе може овој да се поправи. Се надевам дека до петок ќе имаме одлука“, изјави Таравари.
Тој потврди дека на Клиниката за кардиохирургија на директорското место е вратен докторот Марјан Шокаровски, кој беше разрешен од претходниот министер Илир Демири.
Текстот Таравари почна со разрешување на клиниките: „Очекувам за два месецa повеќе да нема економски директори“ е превземен од МАКФАКС.





