Уставниот суд денеска не поведе постапка по иницијативата на Левица со која беа оспорени одредби од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање.
Одлуката била донесена со мнозинство гласови, при што Судот се повикал на тоа дека за прашањето веќе било одлучувано во минатото.
„Судиите застанаа на ставот дека тоа е веќе пресудена работа и дека одлуката која е донесена пред три години, кога одредбите ги оспори лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, треба и сега да се донесе. Собранието има право да донесе законски одредби какви што донел во Изборниот законик. Јас имав поинаков став и издвоено мислење, бидејќи сметам дека тоа не е во ред“, изјави Костадиновски.
Од Левица тврдат дека фактичката состојба сега е различна од онаа за која Уставниот суд одлучувал претходно. Појаснуваат дека во 2025 година се создала ситуација во која парламентарна партија со сопствена пратеничка група, која не припаѓа на двете најголеми политички групации, останала без пристап до платено политичко рекламирање.
„Повикувањето на старата одлука како ‘пресудена работа’ не може да го избрише фактот дека денес пред Судот стоеше нова политичка и фактичка состојба“, наведуваат од Левица.
Во иницијативата партијата оспоруваше повеќе одредби од Изборниот законик и тврдеше дека начинот на распределба на медиумскиот простор и јавните средства за платено политичко рекламирање создава нееднаков третман меѓу политичките субјекти.
Од партијата остро ја критикуваа денешната одлука, оценувајќи дека Уставниот суд не ја исполнил својата улога како коректив на власта и обвинувајќи го дека го одржува постојниот модел на распределба на политичкото рекламирање.
Текстот Уставен не поведе постапка по иницијативата на Левица за политичкото рекламирање, партијата тврди дека е дискриминирана е превземен од МАКФАКС.





