УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата

УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата

пред 2 дена

Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.

Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.

Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.

Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.

Текстот УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top