Учебникот по географија кој ги навреди Албанците повлечен од употреба

пред 4 години

Министерството за образование и наука информира дека е повлечен од употреба учебникот по географија за втора година гимназиско образование по реакциите дека има содржини кои се навредливи за Албанците.

Министерката за образование и наука Мила Царовска го потпиша решението на Комисијата со кое спорниот учебник се повлекува од настава.

„Комисијата констатира дека учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат согласно дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата. Исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование“, соопшти МОН.

Учебникот е одобрен од 2002 година.

Минатиот месец имаше протест пред МОН на партиската младина на Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои ги скинаа и ги запалија спорните страници од учебникот по Географија. Тие побараа негово повлекување наведувајќи дека во учебникот има пасуси што се навредливи за Албанците

Во писмото што АА го испрати до МОН се наведува дека елементите во книгата, освен што се навредливи кон културата, историјата и другите вредности на Албанците во Република Македонија, се и ксенофобични и придонесуваат за стигматизација и охрабрување на говорот на омраза кон Албанците. Од АА посочија и неколку цитати од учебници што, според нив, се навредливи за Албанците во Македонија:

• На страница 99 е наведено дека „Меѓу Албанците во Македонија има родови кои себе се сметаат за староседелци, главно тоа е македонско население кое во текот на турското владеење го примиле исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и по некој род кој потекнува од некогашните Турци или Черкези.“

•На страница 99, Албанците се претставени како опасност за државата каде што е наведено дека „Населувањето на нови Албанци во Република Македонија не е завршен процес, и тој се одвива и денес – почетокот на XXI век. Ваквото, на моменти неконтролирано, населување може на најразлични начини да им наштети на сите во Република Македонија.“

•На страница 104, е наведено дека „ населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, планирано, со помош на турската власт или локалните аги и бегови, кои го дозволуваа доселувањето на албанско-муслиманското население. А ова ни кажуваат бројни автентични сведоштва. Македонците ги протерувале од родните села со многу сурови методи, како грабежи, киднапирања, убиства, физичко малтретирање – тепање, опожарување и слично.“

Share
Scroll to Top