Во рамки на активностите за превентивни тестирања со цел рано детектирање и превенција од Ковид-19 во основните и средни училишта, Министерството за здравство ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во рамки на 80 општини и градот Скопје.
Како што информираат од ресорното министерство, по претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците, тестирањата, кои ќе започнат од следната недела, ќе опфатат вкупно 364 основни и 109 средни училишта ширум државата.
Собирањето на согласности за тестирање на учениците во училиштата започнува oд денеска и надлежните апелираат родителите да го поддржат процесот.
„Министерството за здравство скринингот во училиштата ќе го реализира по извршен случаен избор на ученици, а тестирањето ќе го прават здравствени работници, кои ќе ги тестираат учениците во самите училишта, во просторија одредена од страна на училиштето. Тестирањето, трае помалку од една минута, истото е безболно и безбедно, и е како секое земање брис од грло или носна шуплина“, се наведува во соопштението.
Од Министерството нагласуваат дека синингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на Ковид-19, односно дали истиот се шири низ училиштата и каква е трансмисијата.
Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово – 546, Куманово – 489, Битола – 378, Прилеп – 309 и Гостивар – 296.
Додека пак, во рамки на училиштата на општините и градот Скопје, скринингот ќе опфати 766 ученици.
Министерството за здравство апелира до родителите и старателите, да дозволат учениците да учествуваат во превентивното тестирање, со цел да се добијат релевантни податоци за трансмисијата на Ковид-19 низ училиштата.