Фондот за здравствено осигурување на Македонија го презентираше Аналитичкиот извештај „Артропластика на колк и колено во Македонија 2023–2025 година“, кој покажува значително зголемување на бројот на ортопедски интервенции во јавните здравствени установи и подобрен пристап на пациентите до овие здравствени услуги.
Според анализата, во текот на 2025 година во јавните здравствени установи биле извршени вкупно 4.044 операции на колк и колено, што претставува пораст од 9,9 проценти во однос на 2023 година, кога биле реализирани 3.679 интервенции. Во истиот период е забележан и раст на вкупниот број болнички денови, кои достигнале 44.049.
Најголем пораст е регистриран кај операциите за замена на колено, каде бројот на интервенции се зголемил за 26,4 проценти, додека кај примарната ендопротеза на колк е евидентиран раст од 17,8 проценти. Просечната возраст на пациентите кои биле подложени на овие оперативни зафати изнесува 68,9 години.
Анализата покажува дека најголем дел од интервенциите се реализирани во Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Градската општа болница „8 Септември“ и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, кои заедно учествуваат со околу 69 проценти од вкупниот број извршени операции во државата.
Во однос на листите на чекање, заклучно со мај 2026 година, во трите најголеми ортопедски центри во државата биле евидентирани повеќе од 659 пациенти кои чекаат оперативен зафат на колк. Анализата покажува дека причините за подолгото чекање се различни и во најголем дел се поврзани со организациски и просторни капацитети, а не со недостаток на протези и медицински материјали.
Споредбените податоци со земјите од регионот покажуваат дека Македонија бележи значителен напредок кај операциите за замена на колк и во овој сегмент веќе ги надминува повеќе држави од регионот. Истовремено, анализата укажува дека кај операциите за замена на колено постои дополнителен простор за раст и понатамошно унапредување на достапноста на овие услуги.
Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, истакна дека остварените резултати претставуваат потврда за континуираното унапредување на пристапот до современи ортопедски процедури за осигурениците.
„Овие резултати потврдуваат дека пристапот до животно важни ортопедски процедури континуирано се подобрува. Со отворањето на реконструираните оперативни блокови во Клиничкиот центар и во ГОБ ‘8 Септември’, како и со поддршката за развој на артропластиката на колено во регионалните болници, очекуваме дополнително намалување
на листите на чекање и подобрување на достапноста на услугите за пациентите“, истакна Клековски.
Фондот за здравствено осигурување ќе продолжи со редовно следење на состојбите во ортопедската дејност и со поддршка на здравствените установи во насока на подобрување на достапноста, квалитетот и ефикасноста на здравствените услуги за сите осигуреници.
Текстот ФЗО: Над 4.000 операции на колк и колено во 2025 година – континуирано подобрување на пристапот до ортопедска хирургија е превземен од МАКФАКС.




