Филипче: Од вторник дневно ќе се вакцинираат помеѓу 10 до 15 илјади граѓани

пред 4 години

Вакцините кои утрово пристигнаа во државата од наредните денови ќе бидат дистрибуирани во поголемите вакцинални пунктови во земјава, а вакцинацијата ќе започне од вторник, истакна министерот за здравство Венко Филипче. Според неговите најави дневно ќе се вакцинираат по 10 до 15 илјади луѓе.

Министерот за здравство најави дека во наредниот период ќе стигнат уште 500.000 вакцини на „Синовак“, 100.000 вакцини од „Синофарм“, како и уште 26.000 од „Фајзер“.

Со асистенција на припадници на Армијата, кинеските вакцини утрово беа складирани во ладната соба во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Станува збор за пратка од 200. 000 вакцини на „Синофарм“ кои се купени со директни преговори со производителот, а со кои од следната недела и официјално ќе започне масовната имунизација на населението.

„Ова е месец во којшто очекуваме и други големи количини на вакцини и верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на вакцинирано население и тоа ќе придонесе до целосно менување на сликата на епидемијата кај нас“, рече Филипче.

Според него приоритет ќе имаат граѓаните коишто се веќе пријавени за вакцинација, а ќе бидат повикани според возраста и според приоритетот на пријавување.

Засега, рече Филипче остануваат да функционираат и помалите пунктови за вакцинација, но се разгледува опцијата кадарот да се сконцентрира само во големите пунктови.

„Акцент ќе се стави на граѓаните кои се веќе пријавени, според возраста и според приоритетот на пријавување. Ја разгледуваме можноста помалите пунктови од другите градови да го дадат кадарот за да функционираат само големите пунктови, засега останува паралелно да функционираат двата системи. Ако некаде се укаже потреба, може да се сконцентрира експертизата на едно место“, рече Филипче.

„Се уште немаме точен термин за тоа кога и колкава количина ќе стигне од руските вакцини, а се понеизвесно станува пристигнувањето на вакцината на „Астра зенека“ со оглед на лошата состојбата во Индија, земјата има забрана за извоз на вакцини, а дел од вакцините преку „Ковакс“ системот треба да пристигнат и од институтот во Индија. Тоа може малку да ги искомплицира и одложи работите“, рече Филипче.

Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо истакна дека вакцинацијата е важна за да се спречи пандемијата.

„Денеска присуствуваме на предавањето на 200 илјади вакцини за Северна Македонија. Пријателските односи придонесоа за оваа испорака. Вакцинацијата е важна за контрола на епидемијата. Кина испорача вакцини за 100 земји во Светот. Кина е прва по вакцинација со над 200 милиони вакцинирани жители и се надевам дека ќе биде ставен крај на оваа пандемија, рече Ѕуо.

Share
Scroll to Top