(Фото) Комплетно реконструирана улица „11“ во Кадино, општина Илинден

(Фото) Комплетно реконструирана улица „11“ во Кадино, општина Илинден

пред 12 часа

Општина Илинден продолжува со интензивни активности за унапредување на патната инфраструктура, при што деновиве успешно е завршена реконструкцијата на вториот дел од улицата „11“ во населеното место Кадино. Станува збор за значајна делница со должина од околу 500 метри и широчина од 5,5 метри, која доби целосно нов коловоз, со што значително се подобрува квалитетот на сообраќај, извести Општината.

Покрај обновата на коловозот, изграден е и тротоар со широчина од 1,5 метри, што овозможува побезбедно и покомфорно движење за пешаците. Со оваа интервенција, улицата добива современ и функционален изглед, усогласен со потребите на модерното урбано живеење.

Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на завршните градежни активности и истакна дека со реализацијата на оваа фаза, заедно со претходно реконструираниот дел, вкупната должина на обновената улица изнесува околу 720 метри, како и дека ваквите проекти претставуваат јасен показател за стратешкиот пристап на Општината кон рамномерен развој и подобрување на условите за живот во сите населени места.

Проектот е целосно финансиран од буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува определбата на локалната самоуправа за континуирано инвестирање во инфраструктурата и создавање на побезбедна, поуредена и пофункционална средина за сите граѓани, се додава во соопштението на Општината.

Текстот (Фото) Комплетно реконструирана улица „11“ во Кадино, општина Илинден е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top