Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на врховна командантка на вооружените сили, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во Штип присуствуваше на презентацијата на воената опрема, како и на демонстрацијата на војничките вештини од различен вид.
Настанот беше организиран по повод успешно реализираната вежба „Блесок 26“, во чии рамки, Лесната пешадиска баталјонска група доби високи оценки за подготвеноста, согласно НАТО процедурите и стандардите.
Пред бројни граѓани беа изведени показни активности на единиците на Армијата, при што присутните имаа можност да проследат приказ на алпинистички и боречки вештини, активности со службени кучиња, строев настап на Баталјонот за почести, како и презентација на армиски возила, вооружување, воздухопловна опрема и хеликоптер Ми-8/17.



Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова оцени дека Армијата претставува еден од најсилните столбови на стабилноста и безбедноста, подготвена да одговори на современите предизвици и да биде потпора на државата и граѓаните.
„’Блесок 26′ беше момент кога Армијата ја потврди својата професионалност, обученост и интероперабилност во рамките на НАТО“, рече претседателката.



Таа порача дека, иако мирот за неа останува највисока вредност, времињата во коишто живееме бараат будност и подготвеност.
Текстот (Фото) Сиљановска-Давкова на презентација на Армијата: „Времињата во коишто живееме бараат будност и подготвеност“ е превземен од МАКФАКС.





