Поради обилните врнежи од дожд во последното деноноќие на повеќе локации во државата се регистрирани зголемување на водостоите на реките како и одредени излевања, поплавени објекти и одрони, извести Центарот за управување со кризи.
Во битолскиот регион има излевање на реката Шемница кај село Лера со поплавена куќа и штали. Во општина Новаци е прекинат патот кон рудникот Брод–Гнеотино поради надојдена вода од Црна Река.
Во Преспански регион има Излевање на реки во село Царев Двор и Дрмени со поплавени куќи, а постои опасност од излевање на Голема Река.
Регистрирани се одрони на патниот правец Струмица–Валандово.
Во Скопскиот регион зголемено е нивото на речните корита, но засега без излевања на водотеците од нивните корита, информира ЦУК.
Во Велешкиот регион има одрони и паднато дрво на два патни правци. Реката Вардар е на многу висок водостој со можност за излевање кај автобуската станица.
Во Охридски регион, значително покачени се водостоите на реките; излевања на повеќе места и ризик за поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река.
Во Кумановскиот регион нема излевања во Куманово и Липково; се расчистуваат наноси кај село Коинце.
Во Кратовски регион има зголемени водостоји, но без штети. Исчистен е одрон на патниот правец Страцин–Пробиштип.
Во Тетовскиот регион нема пријавени штети; водостоите се зголемени, но без излевања.
Од УХМР информираат дека денес се очекува променливо облачно време со локални обилни врнежи, можни грмежи и силен јужен ветер над 60 km/h. Температури од 13 до 19 °C; во Скопскиот регион до 17 °C.
Најмногу врнежи се измерени во Претор (66 l/m²), Крушево (37), Битола (30) и Прилеп (26).
Забележан е висок водостој на реката Сатеска во Охридскиот регион, со препорака за зголемено внимание.
Сите надлежни институции се навремено известени од страна на Центарот за управување со кризи за сите овие појави и веќе се преземаат соодветни мерки за санација и заштита на населението и инфраструктурата.
„Апелираме до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат упатствата на надлежните служби, а доколку забележат било каква опасност – веднаш да пријават на бесплатниот број за итни повици 112“, соопштуваат од ЦУК.
Текстот ЦУК: Поради обилните врнежи зголемени се водостоите на реките, на некои места има излевања, поплавени се куќи и штали, има и одрони на патиштата е превземен од МАКФАКС.






