Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ ги повика надлежните институции, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната бригада и Град Скопје детално и брзо да се изјаснат за тврдењата дали последниот пожар е подметнат.
Оттаму побараа Државниот инспекторат за животна средина да утврди какви материи се чуваат во кругот на поранешната фабрика „Треск“ и дали претставуваат опасност за избувнување на пожари или за здравјето на луѓето кои живеат во околината на „Треска“, па и во целата општина.
„ Бараме институциите да ја информираат јавноста дали сопствениците на објектите и на земјиштето имаат обврска да го расчистат отпадниот материјал од нивните имоти со цел да се намали опасноста за граѓаните. „Шанса за Центар“ смета дека одолговлекувањето на постапката за носење нов урбанистички план за подрачјето на „Треска“, придонесува за продолжување на неизвесноста и ја зголемува можноста за нови несакани случувања“ велат од граѓанската иницијатива.
„Шанса за Центар“ пред неколку недели предупреди дека е можен развој на настаните околу поранешната фабрика „Треска“ со цел да се реши урбанистичкото планирање на подрачјето на начин кој нема да го штити јавниот интерес.