Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска порача дека споделува загриженост со скопјани за пожарите кои деновиве ја зафатија околината на главниот град, оценувајќи дека постојат сомнежи за нивно намерно подметнување.
„Не само што некој си игра со трпението, туку си игра и со здравјето на илјадници граѓани во Скопје! Го повикувам Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги превземат сите неопходни мерки за откривање на сите кои се замешани во свесното и намерно потпалување на сите депонии околу главниот град Скопје. И ги повикувам да постапат брзо,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека институциите мора да делуваат за да го заштитат здравјето на граѓаните, посочувајќи дека „основани и отворени се сомнежите дека поголем дел од пожарите кои се случуваат овие денови се подметнати со цел создавање на вештачка криза во општеството во очи на претстојните локални избори“.
„Никогаш во последните неколку децении не ни се случувало ова – да се палат ридови и сите ѓубришта во радиус од 20 километри околу главниот град. Овие пожари се со цел да се предизвикаат политички пожари. За жал, граѓаните и ние скопјани сме жртви. На ова мора да му се стави крај,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Тој најави дека по одржувањето на локалните избори прва и основна задача ќе му биде создавање на систем во кој „нема да има пожари, Скопје ќе биде чисто, а депониите нема да бидат проблем, туку решение“.
„Имам План за чисто и здраво Скопје. Имаме комунални претпријатија со илјадници вработени, а немаме кој да се грижи за комуналниот ред. На овој напад против животната средина и против здравјето на граѓаните мора да му се стави крај,“ додаде Ѓорѓиевски.
Текстот Ѓорѓиевски: Пожарите се подметнати за создавање вештачка криза, скопјани се жртви на политички игри е превземен од МАКФАКС.