Јаневска: Изработивме нова Стратегија за образование, објавена е на јавен увид

Јаневска: Изработивме нова Стратегија за образование, објавена е на јавен увид

пред 5 часа

Работна група составена од претставници на Министерството за образование и наука, Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, Светска банка, ГИЗ, УНДП, Бирото за развој на образованието, Центарот за развој на стручното образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и граѓанскиот сектор изработи нова Стратегија за образование која ќе се применува од 2026 до 2032 година.

Пред да биде усвоена од Владата, ќе биде ставена на увид на јавноста преку владиниот ЕНЕР систем со цел да се даде можност за коментари и сугестии во насока на унапредување на содржината.

За ова денес информираше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пред почетокот на валидациската работилница за Стратегијата, изразувајќи благодарност до сите кои дадоа придонес во нејзината подготовка во изминатите шест месеци.

„Постигнавме широк консензус во кој правец ќе делуваме за развој на македонското образование во иднина и сметам дека отстапки не треба да има. Сакам да напоменам дека оваа стратегија не насочува кон целосно спротивна страна, напротив, таа е надополнување на досегашната, но се фокусира на предизвиците кои не беа надминати и на следење на новите глобални образовни трендови“, рече Јаневска.

Документот става акцент на развој на нова програма за предучилишно образование, инклузија во основното и средното образование, како и на инфраструктурата каде клучен момент е оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето на едносменска работа.

Јаневска информираше дека следува примена на нова концепција за гимназиско и за стручно образование, како и нов модел на државна матура. Во 2026 година започнува примената на новите формули за финансирање на основното и средното образование. Ќе се усвои нова законска регулатива во високото образование, а особено внимание ќе се посвети на развој на кадровските капацитети на МОН.

„Во првите две години, Стратегијата ќе биде насочена кон целите кои Македонија треба да ги исполни согласно Планот за раст на Западен Балкан усвоен од Европската унија. Како Влада ќе се погрижиме да ги обезбедиме сите средства неопходни за остварувањето на мерките, проектите и активностите насочени кон достигнување на индикаторите“, додаде министерката.

Потврди дека пошироката јавност ќе има можност да учествува во креирањето на најдобрата верзија на стратешкиот документ заедно со пропратните акциски планови, затоа што истиот од утре ќе биде објавен на ЕНЕР системот на Владата и достапен за коментари, сугестии, забелешки, пред конечното усвојување.

Текстот Јаневска: Изработивме нова Стратегија за образование, објавена е на јавен увид е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top