Јовиќ: Србија прими 30 пациенти по пожарот во Кочани и сите преживеаја

Јовиќ: Србија прими 30 пациенти по пожарот во Кочани и сите преживеаја

пред 4 часа

Република Србија испрати транспортен воен авион со којшто презедовме 17 пациенти за кратко време, кои беа примени на Клиниката за пластична хирургија и за наша среќа сите преживеаја, истакна хирургот Марко Јовиќ од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Универзитетскиот клинички центар Србија, во своето обраќање на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“.

Јовиќ во неговото излагање посочи дека Србија примила 30 пациенти од Македонија по трагедијата во Кочани, од кои 17 биле лекувани во Клиничкиот центар во Србија. Во обраќањето тој наведе дека националниот одговор на Србија при инциденти со изгореници се темели на вмрежување со локални болници, здравствени центри и шест главни болници.

Јовиќ појасни дека изгореници под 30 проценти од телесната површина се третираат во повеќе клинички центри, додека најтешките случаи со над 30 отсто се третираат само во Воено-медицинската академија (ВМА) и Клиничкиот центар во Белград.

– Нашиот национален одговор на инциденти со изгореници се заснова на вмрежување со други здравствени институции. Тоа се локалните болници, здравствени центри, и шест главни болници. Тоа се Клинички центар Ниш, Клинички центар Нови Сад, Клинички центар Крагуевец, Клинички центар Чуприја, а главните се Воено-медицинската академија (ВМА) и Клиничкиот центар во Белград. Тоа е круната на сите овие институции … Претходните клинички центри Ниш, Крагуевац, Чуприја и Нови Сад, третираат изгореници со под 30 проценти ТБС, додека над 30 проценти ТБС се третираат само на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград и во нашата главна Клиника, затоа што имаат многу напредна инфраструктура со современи услови за прием, добра опрема, одлично обучен тим на пластични хирурзи и мултидисциплинарен тим за поддршка, појасни Јовиќ.

Додаде дека Клиниката во која тој работи располага со 70 кревети на одделот за изгореници, седум единици за интензивна нега, десет дополнителни кревети, две операциски сали и можности за кожни трансплантации. Јовиќ нагласи дека тие капацитети овозможуваат справување со најтешките степени на изгореници.

– Имаме и десет дополнителни кревети и две операциски сали, можност за донатори за кожа, за транспланти на кожа, и тоа е причината што ние може да се справиме со највисок степен на изгореници во нашата установа и во регионот. Ние имаме добри спогодби и со Фондот за здравствено осигурување во Црна Гора и во Босна и Херцеговина, во Република Српска, така што имаме пациенти кои доаѓаат и од овие држави, но нивниот број не е голем, истакна Јовиќ.

Во Србија при првичен прием во локални или регионални установи, Јовиќ истакна дека најнапред се стабилизира пациентот, се преземаат мерки за превенција од шок од изгореници и се контролира болката, по што пациентите се упатуваат во еден од специјализираните центри. Јовиќ додаде дека протоколите што ги применуваат се усогласени со европските препораки за третман на изгореници.

– Еве што точно правиме кај некои пациенти, се обидуваме прво да го стабилизираме пациентот, потоа да превенираат шок од изгореници, да ја контролираат болката. Мора да направат и циркуларна реституција и нешто повеќе од тие работи, но штом го стабилизираат пациентот го испраќаат во една од овие шест или овие два здравствени центри, каде што ги лекуваме со навистина добри резултати, со европски просеци, и со тоа сме многу горди и задоволни, подвлече Јовиќ.

Во своето обраќање Јовиќ изрази благодарност за поканата да учествува на конференцијата во Скопје и оцени дека соработката меѓу здравствените системи е од суштинско значење во третманот на пациенти со тешки изгореници. 

Текстот Јовиќ: Србија прими 30 пациенти по пожарот во Кочани и сите преживеаја е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top