Автобусот бил технички исправен, годинава 113 пати ја поминал државната граница

пред 2 години

Автобусот на „Беса транс“ минатата година во 22 случаја остварил влез – излез од државата, додека пак во 2021 година има 113 преминувања на државната граница, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференција во Владата. Тој рече дека овој автобус првпат е регистриран во Скопје на 15 октомври 2020 година, во сопственост на „Беса транс“, последниот технички преглед е направен на 05.10.2021.

Спасовски истакна дека согласно резултатот за измерени вредности од техничкиот преглед направен од страна на стручните лица во овластеното правно лице за вршење технички преглед на возила, нема отстапки кои укажуваат на неисправност на возилото и нема забелешки.

„ Важноста на регистрацијата е до 13.10.2022, а возилото е произведено во 2007 година. Во 2020 година против „Беса Транс“ се поднесени кривични пријави за четири утврдени неправилности околу непочитување на Ковид-протоколите за превоз на патници, а во 2021 повторно четири исти неправилности, заокружени со Барање за поведување прекршочна постапка до надлежните судови“ изјави Спасовски.

Тој информира дека е обезбеден биолошки материјал од роднини на 44 патници, а добиените ДНК профили се предадени во нашето обвинителство на државниот обвинител Јовески. Овој материјал ќе биде предаден на надлежните служби во Бугарија, кои ќе прават поврзувања (мечување) по роднински врски со пронајдените останки, а биолошки материјал за 45-тиот патник е обезбеден во Софија.

Министерот се осврна и деталите во врска со несреќата.

„ Она што го дозна тимот на местото на несреќата е дека предметниот автобус, кој се движел на релација од Турција кон Северна Македонија, на местото викано Кулата‘ на автопатот А3, удрил во банкината и еластичната ограда од десната страна која го раздвојува постојното одморалиште покрај автопатот, при што возачот изгубил контрола на возилото и притоа дошло до самозапалување на надворешниот дел од автобусот, а потоа и до удар во средишната разделна еластична одбојна ограда од автопатот при што настанало целосно опожарување на возилото, истакна Спасовски.

Со автобусот се превезувале 52 патника, а од настанатата сообраќајна незгода и пожарот настрадале 45 лица, додека седум лица успеале да го напуштат автобусот и потоа биле пренесени во клиниката УМБАЛСМ „Пирогов“ во Софија.

ОЛИВЕР СПАСОВСКИ

Share
Scroll to Top