Алаѓозовски со претставници на турската заедница: Пописот е важна алка за гарантирање на правичната застапеност

пред 3 години

Националниот координатор за интеркултурализам и едно општество, Роберт Алаѓозовски, денеска оствари средба со претставници на турската етничка заедница во земјава.

Како што се наведува во официјалното соопштение, фокусот на средбата бил важноста од спроведување на успешен попис.

На состанокот присуствувала и Јасмина Ѓоргиева, од Државниот завод за статистика.

Присутните биле едногласни за важноста од спроведување на најмасовната статистичка операција во нашата држава.

Алаѓозовски истакнал дека податоците добиени од пописот ќе помогнат и за соодветна имплементација на Стратегијата за едно општество, а особено за гарантирање на правичната застапеност на немнозинските заедници.

„При креирањето на политики мора да бидат земени предвид спецификите на сите етнички заедници во нашата држава, а тие политики мора да се базираат на податоци добиени од пописот“, било посочено на средбата.

Биле отворени и неколку прашања поврзани со спроведувањето на пописот, можноста при попишувањето да се користат јазиците на кои зборуваат немнозинските заедници, како и правичната застапеност помеѓу попишувачите на терен.

Претставничката на ДЗС, Ѓоргиева, информирала дека секој ќе има право да биде попишан на еден од седумте јазици предвидени со Уставот на Северна Македонија, односно македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.

Share
Scroll to Top