Алијансата за Албанците бара итно идентификување и апсење на лицата кои нападнале двајца вработени во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во ноќта меѓу 28 и 29 ноември. Од партијата го осудија инцидентот и изразија сомнеж дека станува збор за насилство мотивирано од етничка омраза.
Според наводите во партиското соопштение, напаѓачите се претставиле како членови на навивачката група „Комити“, а работниците биле физички нападнати откако ги прашале за нивната етничка припадност.
Од Алијансата за Албанците бараат од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик-министерот Астрит Исени целосно да го расветлат случајот и да ја информираат јавноста за преземените мерки.
„Вербалната осуда на насилството не е доволна“, порачуваат од партијата, нагласувајќи дека институциите имаат обврска да ја гарантираат безбедноста на сите граѓани и да обезбедат одговорност за сторителите.
Од Алијансата најавуваат дека ќе продолжат да бараат институционална одговорност сè до целосно расчистување на случајот.
Текстот Алијансата за Албанците бара итно апсење на напаѓачите на работниците на „Комунална хигиена“ е превземен од МАКФАКС.




