Алта банка под привремена администрација, Славески откри дека се повлечени два милиони евра

Алта банка под привремена администрација, Славески откри дека се повлечени два милиони евра

пред 2 часа

Околу два милиони евра биле повлечени во готовина и преку други трансфери од „Алта банка“ АД Битола до вчера, откри гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, образложувајќи ги причините за воведувањето привремена администрација и ограничувањето на располагањето со средствата на клиентите.

Според Славески, информацијата за повлечените средства ја добиле денеска на средба со Управниот одбор на банката, одржана во 14:10 часот, откако Извршниот одбор на Народната банка веќе ги донел одлуките за воведување привремени мерки.

„Тие потврдија дека до вчерашниот ден, заклучно со вчерашниот ден, биле во готовина и други трансфери подигнати околу 2.000.000 евра од банката“, изјави Славески.

Тој објасни дека поради зголеменото повлекување средства, процесорот за платежни картички привремено ги блокирал картичките на банката, но услугата повторно била овозможена денеска околу 12 часот.

Народната банка утврди неделен лимит од 10.000 денари за плаќања со картичките издадени од „Алта банка“. Славески посочи дека при определувањето на лимитот се воделе од проценката за секојдневните потреби на граѓаните, наведувајќи дека просечната плата и пензија заедно изнесуваат околу 40.000 денари месечно.

Привремените мерки може да траат најмногу три месеци, но гувернерот очекува проблемот да биде надминат и порано.

Како една од можностите за разрешување на состојбата ја посочи продажбата на акциите што ги поседува „Алта банка“ АД Белград, за која е најавено поведување стечајна постапка. Според Славески, иако станува збор за неофицијални информации, веќе има повеќе заинтересирани купувачи.

Тој појасни дека белградската банка ќе го задржи правото на сопственост врз акциите, но согласно законската постапка ќе мора да ги понуди на продажба. Доколку тоа не го направи во предвидениот рок, постапката ќе ја спроведе Народната банка.

Славески нагласи дека воведувањето привремена администрација не значи одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Битола и увери дека банката продолжува да работи.

„Банката продолжува со работа без некои поголеми последици“, рече гувернерот, додавајќи дека мерките се преземени за заштита на имотот на банката и интересите на штедачите.

Тој најави и дека мобилното и електронското банкарство, кои во моментов не се достапни за клиентите, се очекува повторно да бидат ставени во функција во наредните денови.

Дотогаш, клиентите ќе можат да располагаат со средствата во рамките на утврдените ограничувања, додека интерните трансфери меѓу сметките во банката остануваат неограничени.

Текстот Алта банка под привремена администрација, Славески откри дека се повлечени два милиони евра е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top