Андоновски: Размена на искуства и нови можности за соработка со Чешката Република во областа на дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста

Андоновски: Размена на искуства и нови можности за соработка со Чешката Република во областа на дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста

пред 4 часа

Размената на искуства и добри практики, како и отворањето нови можности за соработка со Чешката Република во дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста, беа во фокусот на семинарот „Дигитализација на јавната администрација – размена на искуства и добри практики со Чешката Република“, кој се одржа денеска во организација на Министерството за дигитална трансформација.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски го пречека Н.Е. г. Петр Мацинка, заменик-премиер и министер за надворешни работи на Чешката Република, по што двајцата министри со поздравни обраќања официјално го отворија семинарот.

Посакувајќи им добредојде на министерот Мацинка и на чешката делегација, министерот Андоновски истакна дека дигитализацијата не е само технолошки процес, туку суштинска трансформација на начинот на кој функционира државата и на кој граѓаните ги остваруваат своите права и ги користат јавните услуги.

„Она што сакаме да го постигнеме е државата да биде поедноставна и поблиска до граѓаните и компаниите, со услуги кои се достапни, брзи и лесни за користење. За нас, дигитализацијата има смисла само доколку носи реално подобрување во секојдневието – помалку административни чекори, помалку чекање и поголема сигурност и предвидливост за секој граѓанин и за секоја компанија“, нагласи Андоновски.

Тој посочи дека Министерството работи на развој на дигиталните услуги, подобро поврзување на институциите, унапредување на интероперабилноста и создавање посигурна дигитална инфраструктура.

Министерот Андоновски ја нагласи важноста на меѓународната соработка и размената на практични искуства, оценувајќи дека знаењето и конкретните решенија на Чешката Република можат значително да придонесат кон натамошниот развој на дигиталната трансформација во земјава.

„Денешниот семинар го гледам како многу повеќе од презентација на две различни искуства. Го гледам како можност да започнеме нова, поконкретна и подлабока соработка меѓу Македонија и Чешката Република во областа на дигиталната трансформација“, истакна Андоновски.

Посебен акцент беше ставен и на сајбер-безбедноста како неопходен дел од процесот на дигитализација.

„Колку повеќе услуги и процеси се дигитализираат, толку поважно е граѓаните да имаат доверба дека нивните податоци се безбедни и дека системите на државата се отпорни. Затоа, дигитализацијата и сајбер-безбедноста мора да одат рака под рака“, порача министерот.

Претставниците на чешката делегација ги презентираа искуствата и успешните практики на Чешката Република во дигитализацијата на јавната администрација. Во рамките на дискусијата беа разгледани можностите за понатамошна соработка, воспоставување партнерства и реализација на заеднички иницијативи и проекти, вклучително и во областа на сајбер-безбедноста.

Министерот Андоновски изрази уверување дека семинарот ќе биде почеток на нови иницијативи, партнерства и конкретни проекти меѓу двете земји во областа на дигиталната трансформација.

Текстот Андоновски: Размена на искуства и нови можности за соработка со Чешката Република во областа на дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top