„Анима Мунди“: Денес се одлучува дали убиството на коњите ќе биде казнето или прикриено

„Анима Мунди“: Денес се одлучува дали убиството на коњите ќе биде казнето или прикриено

пред 1 час

Денес, во Кривичниот суд, продолжува судењето за грозоморно убиените коњи во ЗОО Скопје – животни кои биле под институционална грижа, а завршија убиени: измачувани, заклани на најбрутален можен начин, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди.

„Ова не е обично рочиште – ова е момент кога државата ќе покаже дали е способна да ги заштити најранливите, или ќе дозволи брутално злосторство да се избрише како да не се ни случило.

До нас доаѓаат сериозни информации дека одредени институции се обидуваат да се прогласат ненадлежни. Ако ова се реализира, тоа ќе значи едно: свесно создавање простор за неказнивост. Тоа е скандал од највисок ранг и директен удар врз правдата, моралот и здравиот разум.

Да биде јасно: коњите биле под институционална грижа, дотогаш мачени, експлоатирани животни. А во ЗОО Скопје – бездушно убиени, буквално масакрирани. Тоа е злосторство кое ја потресе целата држава, секој еден нормален човек. И тоа не смее да биде затскриено зад бирократски игри и формални маневри“.

Бараат најстроги казни, како што велат, без изговори и без обиди за релативизација.

Одговорнос, според нив, мора да има за сите инволвирани, и за извршителите, и за оние кои со своја функција, позиција или молк го овозможиле ова.

„Никој, ниту тогашниот директор, ниту било кој од раководството, не смее да биде поштеден доколку се утврди вина. Бараме најстрога казна затвор.

Ги повикуваме граѓаните, медиумите и сите организации да го следат процесот. Овој процес мора да биде видлив и под будното око на целата јавност.

Ова судење е пресвртна точка: или ќе покаже дека правдата важи за сите – или ќе докаже дека системот свесно штити злосторства. Ако дозволиме овој случај да биде потиснат, тогаш ја прифаќаме бруталноста како норма. Ние тоа нема да го дозволиме. Ова мора да заврши со казна; најстроги казни за сите инволвирани, а не со амнестија и молк“.

Текстот „Анима Мунди“: Денес се одлучува дали убиството на коњите ќе биде казнето или прикриено е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top