Антидискриминаторската комсија реагира по најавите за паралелен механизам што би ги штител од дискриминација бугарските инвеститори

пред 2 години

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) реагира на изјавите за формирање механизам – Комисија за заштита од дискриминација на инвеститори, дадени од министерот за финансии на, Фатмир Бесими, и министерот за иновации и развој на Бугарија, Даниел Лорер.

На прес-конференцијата што неделава се одржа во Скопје, министрите изјавија дека на одржаниот прв состанок на македонско-бугарската работна група за економија, трговија и иновации, разговарале за формирање на механизам за транспарентност на инвестиции, чија улога би била заштита од дискриминација на инвеститорите од двете страни, при реализирањето на планот за инвестирање.

КСЗД алармира дека евентуалното формирање на ваков паралелен механизам задира во независноста и самостојноста на ова професионално и експертско тело за еднаквост и е директно делегитимирање на мандатот на КСЗД.

„Превенцијата и заштитата од секаков вид на дискриминација се регулирани со Законот за спречување и заштита од дискриминација, според кој, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е единственото тело за еднаквост во земјава кое постапува во случаи за спречување и заштита од дискриминација и во приватниот и во јавниот сектор, кон сите домашни и странски физички и правни лица, вклучително и дискриминација на потенцијални странски инвеститори. Формирањето паралелен механизам, наменет исклучиво за заштита на инвеститорите од Република Бугарија, би бил во спротивност со Законот за спречување и заштита од дискримнација, кој ја регулира оваа правна материја како lex specialis. Според тоа, ова тело не би можело да произведува никакви правни акти за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи нема процесен и материјален закон, врз основа на кој може истото да го направи“, велат од Комисијата против дискриминацијата.

Оттука додаваат дека меѓународните стандарди кои ја регулираат поставеноста и работата на Националните тела за еднаквост, како што се Принципите за статусот на националните институции за еднаквост на ООН (Париските принципи), предвидуваат, телата за еднаквост слободно и независно да одлучуваат за сите прашања поврзани со нивните надлежности. Исто така, овие принципи предвидуваат дека независните тела треба да бидат сочинети од професионалци и експерти кои исполнуваат строги и високи критериуми за избор во областа на дискриминацијата. Токму затоа, како што се додава во реакцијата, превенцијата и заштитата од дискриминацијата се спроведува на експертско и професионално, а не на политичко ниво, па оттука формирањето на паралелниот механизам би значело директна повреда на овие принципи.

„Дополнително, овозможување на ваквиот паралелен механизам за заштита од дискриминација, наменет исклучително за лица од одредена етничка и/или национална припадност и социјален статус, претставува индиректна дискриминација врз основа на етничка и/или национална припадност и социјален статус во областа на правосудството и управата, согласно членовите 3, 5, 6 и 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020). Веруваме дека станува збор за ненамерна изјава на министрите и се надеваме дека по оваа реакција на КСЗД, ќе воочат дека е законски невозможно формирање и функционирање на такво паралелно тело“, додаваат од КСЗД.

Комисијата порача дека како и до сега стои на располагање на сите домашни и странски физички и правни лица, за пријавување и постапување во случаи на секаков вид на дискриминација. Ги охрабруваат сите оние кои се почувствувале дискриминирани врз било која основа, во било која област, истото да го пријават во КСЗД преку електронскиот механизам за пријавување на дискриминација.

Share
Scroll to Top