Арсовска со порака до гласачите: И мене како вас ми е преку глава од празни ветувања и лаги

пред 3 години

Оваа недела вашиот глас одлучува за иднината на Скопје. Одлуката сега е ваша дали нашиот град ќе продолжи да стагнира или ќе се движиме сите заедно напред за чист, организиран и модерен европски град, вели во своето обраќање до јавноста, независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.

„Видовме дека некому политичките кариери му се поважни од граѓаните. Видовме силна црна кампања иницирана од градоначалникот во заминување каде се вклучи и лично самиот премиер. Видовме срамна црна кампања со лаги, фалсификувани документи, па дури и лични закани кон мене и моето семејство“, нагласи Арсовска посочувајќи дека никој не може да ја сопре промената искажана преку волјата на народот.

На гласачите им порача дека глас за неа значи не на понижувањата, на досегашните лаги, на неисполнетите ветувања.

„Време е граѓаните да почувствуваат дека живеат во среден град, град кој ќе се грижи за скопјани. Јас не сум политичар, јас сум менаџер. Но, пред се, јас сум граѓанин во овој град. И мене како и на Вас ми е преку глава од политичари кои се грижат повеќе за сопствената политичка кариера, отколку за нас граѓаните. И мене како Вас ми е преку глава од празни ветувања и лаги. Верувам дека може подобро и дека заслужуваме подобро“, вели во обраќањето Арсовска во кое се обврзува дека со напорна работа и посветеност ќе го направаи Скопје град во кој сите сакаат да живееме, град со којшто граѓаните ќе може повторно да се гордеат.

„Скопје ќе има среден сообраќај, бесплатен јавен превоз, чисти улици и заштитени зелени зони. Скопје ќе има функционални јавни услуги што ќе го одржуваат градот и ќе бидат во служба на граѓаните 24 часа секој ден во неделата. Заедно ќе ја вратиме душата на Скопје и ќе го направиме нашиот град модерен европски град, за поубав живот за сите граѓани“, истакнува кандидатката за градоначалник во крајот на нејзиното обраќање до граѓаните.

Share
Scroll to Top