Вакцинацијата со „Астра зенека“ на лица помлади од 60 години останува забранета.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека оваа одлука ја донеле откако вчера Европската агенција за лекови утврди поврзаност на вакцината со згрутчување на крвта кај лица помлади од 60 години.
„Утрово разговаравме за ставот на ЕМА по евалуацијата на вакцината на „Астра зенека“. Има две препораки, едната е дека тромботичните појави треба да влезат во упатството за употреба на вакцината, а другата е секоја држава за заземе став. Ставот вакцината да не се дава на лица помлади од 60 години во нашата земја“, рече министерот Филипче.
За вакцинираните лица помлади од 60 години со прва доза од оваа вакцина во Србија, министерот Филипче рече дека ќе чекаат препораки дали да се вакцинираат со друга вакцина.
Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера потврди дека постои поврзаност помеѓу вакцината на „Астра зенека“ и појавите на згрутчување на крвта со укажување дека оваа последица е многу ретка и бенефитот од вакцината и натаму е поголем од ризикот.
По ваквиот став, ЕМА соопшти дека секоја земја треба сама да одлучи како ќе го третира заклучокот дека вакцината е поврзана со згрутчувањето на крвта. При носењето на одлуката, од Агенцијата препорачаа, секоја земја да ја земе предвид моменталната епидемиолошка и достапноста на другите вакцини.
Министерот Филипче забрани лица под 60 години кај нас да ја примат вакцината на „Астра зенека“ откако забрани ставија Германија и Канада поради згрутчувањето на крвта што го предизвикала вакцината. Забраната стигна непосредно пред почетокот на масовната вакцинација која почна на 31 март со вакцинирање на лицата над 77 години. Бидејќи нема податоци дека и кај оваа категорија граѓани вакцината предизвикала згрутчување на крвта, вакцинирањето на лицата над 77 години кај нас почна со „Астра зенека“.
Од оваа вакцина преку Ковакс – системот на крајот на март стигнаа првите 24.000 дози, а се очекува да стигнат уште 76.000 дози.