Над 125 илјади инспекциски контроли од областа на безбедноста на храната и храната за животни, здравствената заштита и благосостојбата на животните, спроведоа минатата година официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, соопшти денеска АХВ.
Покрај домашниот промет, предмет на контролите биле и производството, дистрибуцијата, угостителството, но и увозот и извозот. Акцент со контролите бил ставен на имплементирањето и одржувањето на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса и НАССР системот за безбедност на храната, како и соодветното означување на храната, мониторинг на храната од домашното производство и од увоз, здравствената заштита и благосостојба на животните.
-Фреквенцијата на официјалните контроли се вршеше согласно категоризацијата на објектите (операторите со храна) по ризик, при што категоризираните објекти со висок ризик беа почесто контролирани од оние кои се категоризирани како оператори со низок ризик. Во 2025 година од вкупниот број, реализирани се вкупно 47.200 контроли во внатрешниот промет, во рамки на редовните и вонредните инспекциски надзори, при што беа издадени 5.406 решенија, поднесени 10 прекршочни пријави, изречени беа 1.073 прекршочни платни налози со вкупна вредност од 618.010 евра во денарска противвредност. Поднесени беа и 8 кривични пријави, сите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, нагласува АХВ.
Во рамки на овие контроли, одземена и нештетено уништена била небезбедна храна (месо и месни производи, млеко и млечни производи, јаткасти плодови, јајца, риба, кондиторски производи и алкохолни и безалкохолни пијалаци) во вкупна количина од 355 377 килограми. Вкупната сума на изречени парични казни во 2025 година изнесува 618 илјади евра во денарска противвредност.
Дополнително, инспекциските служби на Агенцијата спровеле 78 016 контроли на увозните пратки и пратките кои транзитираат низ земјава, со храна од животинско и неживотинско потекло, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, добиточна храна и живи животни. Како небезбедни уништени биле 8 пратки со храна од неживотинско потекло во количина од 69.785 килограми, а една пратка била вратена во земјата извозник.
Како небезбедни во рамки на овие контроли уништени биле три пратки со храна од животинско потекло во вкупна количина од 22 061 килограми. Во истиот временски период како небезбедни вратени биле 16 пратки со храна од животинско потекло.
Текстот АХВ за една година спровела над 125 илјади контроли и наплатила 618 илјади евра е превземен од МАКФАКС.






