Министесртвото за здравство упати обвинувања за докторот од Токсикологија, Нико Беќаровски, дека ги навредувал Албанците на национална основа. Изјавата е објавена на страна на Министерството. Ова се случува во екот на тензиите помеѓу министерот во заминување, Илир Демири, и вработените од Клиниката за токсикологија, кои ја обвинуваат економската директорка за нестручно работење, но Демири упорно не ја разрешува.
Беќаровски, по изнесеното на веб-страницата, најави дека ќе следува тужба и истакна дека објавата е базирана на лажни изјави, на незаконски архивиран документ, на кој не стои ниту едно име. Во писмо до Демири познатиот доктор вели дека му е нанесена штета на угледот.
„Инпутирање какви било национални навреди е најблаго речено дегутантно. И, јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит-систем, без никакви други предрасуди. Најколегијално Ве замолувам во следните 24 часа јавно да се оградите од оваа несреќна објава на веб-страницата и да ми се извините за нанесената повреда на мојата чест и углед. Воедно, Ве поканувам во текот на идната недела да ја посетите УК Токсикологија и да остварите состанок со стручниот колегиум на Клиниката за заедно да ги продискутираме наталожените проблеми, кои сериозно влијаат на квалитетот на здравствените услуги. Со должна почит и колегијален поздрав“, се вели во коментарот на Беќаровски упатен до министерот Демири.
Вработените на Токсикологија застанаа во одбрана на Беќаровски тврдејќи дека тој е врвен професионалец, а зад изјавата стојат лица што не се вработени на клиниката“.
Текстот Беќаровски обвинуван за навреди на национална основа, докторот најави тужба и тврди дека објавената изјава е лажна е превземен од МАКФАКС.