За да се намали загубата на водата за пиење која на национално ниво во просек изнесува близу 64 %, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
За тоа да се случи, неопходна е да се направат измени на сет на закони, за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената, не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието, за да отпочне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ Бислимоски.
Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија (ЈКП), за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што пак ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем кој ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари кои ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.
Текстот Бислимоски ќе побара цената на водата да ја одредува РКЕ место советите на општините за да се намали загубата на вода која сега изнесува 64% е превземен од МАКФАКС.






