Битиќи од Битола-Инвестираме во зголемување на локалната конкурентност во сите региони во државата

пред 3 години

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, извршија увид во активностите на потпроектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерното уредување“, кој се спроведува во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, ко-финансиран од Владата на Република Северна Македонија и Делегацијата на Европската Унија, а со техничка поддршка од канцеларијата на Светска банка.

Овој потпроект вклучува реставрација и адаптација на Офицерскиот фом во Битола, негово партерно и хортикултурно уредување, промотивни активности, како и градење на капацитетите на чинителите со кои се подобрува развојот на туризмот во пелагонискиот регион.

„Денес правиме увид во завршните работи, и сите заедно можеме да се увериме во неговата архитектонска убавина и импозантност, како и да бидеме горди дека овде во нашата Битола, има ваков репрезентативен објект на кој многу можат да ни завидуваат. Оваа инвестиција е само дел од реализираните активности во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, кој има за цел да ги подобри туристичките потенцијали во 10 различни дестинации во земјава. Реконструкцијата на објектот и неговата околина чини вкупно 58.792.610,00 денари, од кои 52.913.349,00 денари беа обезбедени од Проектот за локална и регионална конкурентност додека Општина Битола учествуваше со 5.879.261,00 денари. Објектот е реставриран по сите стандарди, почитувани се неговите историски специфики, а слободно можеме да го сместиме меѓу културно-историските богатства на нашата земја. Објектот го одразува духот на овој град, град богат со историја и култура, на битолчани кои се надалеку познати по својот космополитизам и богата градска традиција. Наша заложба како Влада е рамномерен регионален развој, бидејќи секој град, секој дел од нашата земја е подеднакво важен, и треба да се развива. Битола е важна за сите нас, и се надевам дека повторно ќе се видиме на заедничка радост“, изјави Битиќи.

„Реставрацијата на Офицерскиот дом му даде ново руво на еден од најпрепознатливите објекти во нашиот град, со што тој повторно ќе стане место кое го привлекува интересот на локалните жители и туристите. Ова ќе биде дом на уметноста, во него ќе има низа културни настани, ќе биде отворен за настани на разни организации, на бизнис заедницата, но и за музејски поставки кои ќе бидат флексибилни зашто градот изобилува со археолошки наоди кои се наоѓаат во подрумските простории на нашиот Музеј, дел од нив артефакти кои ниту битолчани ги немаат видено“, изјави Наташа Петровска, градоначалничка на Општина Битола.

Според надлежните, проектот за локална и регионална конкуретност е водечки проект за развој на туризмот во државата преку кој се поддржани 57 потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот во сите 10 туристички дестинации низ земјава. Целта на проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.

Share
Scroll to Top