Битиќи-Предан: Економската соработка помеѓу земјите е на задоволително ниво

пред 2 години

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со амбасадорот на Република Словенија, Н.Е. Милан Предан, со кого разговараа за соработката во полето на економијата и поддршката од Словенија за евро-интеграциските процеси на нашата земја.

Вицепремиерот Битиќи за време на состанокот се заблагодари за политичката поддршка од Словенија во процесот на отворање на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ и притоа истакна дека стекнатото словенечко искуство и експертиза ќе биде од големо значење за нашата земја во овој процес.

Амбасадорот и вицепремиерот разговараа и за економската соработка помеѓу двете земји пришто констатираа дека соработката е на задоволително ниво, Словенија е 15-от трговски партнер на нашата земја и притоа го поздравија растот на трговската размена од 12,4% и растот на извзот од нашата земја кој е со стапка од над 20% во 2021 година во споредба со годината претходно. Во нашата земја се реализирани и неколку значајни инвестиции во производствени капацитети, а Словенија е една од земјите од Балканот кои даваат најголема поддршка за реализација на проекти на локално ниво, за подобрување на животот на граѓаните.

Битиќи и Предан заклучија дека потенцијалот за соработка не е целосно искористен и дека во периодот кој следува, преку активна комуникација и соработка, ќе се направат ангажмани за да максимално биде исполнет целиот потенцијал.

Share
Scroll to Top