„Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година е основа на нашите односи. Нашата цел е членство на Северна Македонија и Албанија во Европската унија“. Ова го изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред партиската младина и прецизираше дека разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев, јави БГНЕС.
Борисов предупреди дека начинот на кој владејачката партија и претседателот Румен Радев сега преговараат со Северна Македонија може да доведе до лош исход за Бугарија или ги натера народите да се мразат меѓусебно со децении.
„Нашата стратешка цел е Северна Македонија и Албанија да влезат во ЕУ. И вие, младите, овде мора да сторите сé што е можно за да не се мразат генерациите. Радев ја подели земјата. Сега ги подели луѓето и на темата Северна Македонија“, потенцираше Борисов.
Тој истакна дека во последните 4 години, додека ГЕРБ беше на власт, Бугарија била фаворит на Балканот.
„Ние бевме водечка сила на Балканот. Сега политиката што се води ќе направи да се мразиме едни со други. Тогаш, за што ќе бидат нашите европски проекти? Влегувате во земја што не ве сака. Затоа и јас и Зоран Заев се обидуваме работите да одат од дното нагоре “, рече поранешниот премиер.
Борисов истакна дека историјата е важна работа, но треба да им се допушти на историчарите да ја работат работата.
„Имаме договор за добрососедство. Тоа е најважната точка. Така се создаде ЕУ – од најзавојуваните земји – Франција, Германија, Велика Британија. Нема да ве измами омразата на Радев, која тој ја внесе во народот“, повика Борисов.