Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против две лица за кривично дело – напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот 21-годишник и неговата 22-годишна сестра, како соизвршители, на 20 јануари во вечерните часови, нападнале и повредиле полицаец кој извршувал работни задачи на подрачјето на Бит Пазар и Чаир.
Полицискиот службеник заедно со уште еден негов колега се обиделе да го легитимираат обвинетиот, кој им кажал дека нема лични документи со себе и започнал расправија со нив.
Кога му било кажано дека ќе биде приведен во полициска станица со цел утврдување на неговиот идентитет, обвинетиот запонал да пружа отпор и се дал во бегство.
Кога полицаецот го стигнал и го совладал, обвинетата се обидела да му помогне на својот брат, па му задала неколку удари и гребаници на полицискиот службеник.
Во тој момент и обвинетиот повторно започнал да го удира полицаецот со тупаници по главата и градите, нанесувајќи му телесни повреди.