Бучковски: Блискоста со Бугарија нè тера да преземеме чекори за изнаоѓање решение

пред 3 години

Мојата улога како специјален претставник на Северна Македонија произлегува од напорите на македонската Влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и на тој начин да ги отстрани пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ. Ова го изјави за бугарската новинска агенција, БГНЕС специјалниот прeтставник на македонската влада за преговорите со Бугарија, Владо Бучковски.

Тој од вчера е во посета на Софија, каде се состана со високи бугарски претставници.

„Во оваа насока, секое мое официјално соопштение на линијата Скопје – Софија е по повод нашиот предлог акционен план, кој содржи конкретни чекори во делот на поврзување преку Коридорот 8, соработка во образованието, енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество“, рече Бучковски.

Според него, ова треба да создаде доверба меѓу владите и државите, меѓу народите на двете земји.

„Без разлика колку се интензивни моите патувања и состаноци, очигледно е дека двете земји се заинтересирани да не ги замрзнуваат односите или да комуницираат само преку медиуми и преку посредници. Нашата блискост како два народа и две земји со заеднички моменти во минатото и заеднички поглед на историјата нè тера да преземеме чекори за изнаоѓање решение, а ваквите работни состаноци се само чекор напред кон решението“, рече Бучковски.

Тој посочи дека во претстојниот период македонската работна група ќе ги разгледа коментарите на Бугарија за предлог Акциониот план и ќе се развие јасна позиција.

Share
Scroll to Top