Велигденските цени се доказ дека народот во Македонија веќе не преживува, велат од Левица

Велигденските цени се доказ дека народот во Македонија веќе не преживува, велат од Левица

пред 2 часа

Најавите за ограничување на профитните маржи по Велигден доаѓаат предоцна и претставуваат задоцнета реакција на една веќе продлабочена економска и социјална криза. Реалноста е јасна – народот нема пари. Огромен дел од граѓаните едвај врзуваат крај со крај, платите не ги покриваат основните трошоци, а секое ново поскапување директно удира по нивниот животен стандард, велат од Левица.

Дополнително, додаваат од оваа партија, алармантен е фактот што повеќе од 30% од населението живее под прагот на сиромаштијата. Ова, според нив значи дека речиси секој трет граѓанин се соочува со сериозни потешкотии да обезбеди основни услови за живот.

„Во исто време, државата бележи рекордно задолжување кај бироата за брзи кредити, што е јасен показател дека граѓаните се принудени да позајмуваат пари со високи камати за да преживеат, за храна, сметки и најосновни потреби.

Во вакви услови, улогата на владата треба да биде јасна и одлучна, да делува како регулатор и заштитник на граѓаните. Наместо тоа, сведочиме на пасивност и целосно отсуство на навремена реакција. Пазарот е оставен без контрола, што овозможува неконтролирано зголемување на цените и профитите, додека граѓаните осиромашуваат.

Состојбата е до тој степен алармантна што голем дел од граѓаните немаат средства ни за преживување, а камоли да издржат нови ценовни шокови. Дополнително загрижува што вистинската криза сè уште не е ни пристигната, најавената енергетска криза може да предизвика сериозен удар врз економијата, зголемување на трошоците за производство и живот, па дури и да доведе до економски колапс доколку не се преземат навремени и сериозни мерки“.

Од Левица потенцираат дека решенијата се познати и одамна предложени: ограничување на профитните маржи за основни производи, воведување контролирани или замрзнати цени за клучни прехранбени производи, намалување или укинување на ДДВ за основна храна, засилени инспекциски контроли со строги санкции за злоупотреби, како и системска поддршка за домашното производство со цел да се намали зависноста од увоз и да се стабилизира пазарот.

„Денес веќе не станува збор за превенција, туку за последици од лошо управување. Наместо системска заштита на граѓаните, гледаме задоцнети и недоволни мерки. А цената на тоа ја плаќа народот, кој е доведен до раб на економско преживување“.

Текстот Велигденските цени се доказ дека народот во Македонија веќе не преживува, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top