(Видео) Арсовски: Криминал во најава, власта ја продава АД Славија за само 218.535 евра

пред 2 години

Владата на СДСМ и криминалниот картел од Струмица, кој е на чело со премиерот во заминување, Зоран Заев, се подготвуваат да ја продадат АД „Славија“, односно да ја купи некој со нивни амин за багателна цена, далеку од онаа вредносната, обвини на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Ова е грабеж на државен имот по принципот на старата школа на СДСМ како од 90-тите години кога беа приватизирани над 600 фирми во Република Македонија, а кои беа имот на државата“, нагласи Арсовски.

Според неговите податоци, АД „Славија“, која има вредност со целиот свој имот, со сите свои објекти, над 20 милиони евра, власта на СДСМ сака да ги продаде целиот имот, целото земјиште, сите објекти на АД „Славија“ и целата фирма АД „Славија“ за 218.535 евра, односно 4.285 акции по, како што рече Арсовски, цена од 51 евро за акција.

„Замислете, само управната зграда, ако ја видите, а сите ја знаат, до Универзитетот ФОН, ќе сфатите дека чини десетина милиони евра, само таа, а не, пак, целата фирма со сите свои придружни објекти и имоти да чини 218 илјади евра“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој воедно јавно упати прашање до директорот на АД „Славија“.

„Дали и по чија насока од криминалниот картел оваа продажба е подготвувана за да ја купи близок човек до Заеви и тоа на два дена пред Нова година“, запраша Арсовски и нагласи дека следните денови ќе има повеќе детали за целата, како што рече, криминална постапка.

„Ја поседуваме целата документација и соодветно ќе постапуваме до институциите и органите“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Share
Scroll to Top