(Видео) Арсовски: Фризерницата која го добила проектот од Еразмус+ била петта на ранг листата

пред 4 години

Крајно сомнителен е начинот на доделување на грантови во Националната агенција од страна на Лидија Димова. Повеќе од десет дена бараме објавување од страна на агенцијата на ранг листите на проектите од ЕРАЗМУС + програмата, но директорката Лидија Димова ги криеше, а денеска можеме да видиме низ медиумите дека еден од проектите доделен на фризерницата ВЕЗ Трејд бил доделен на сомнителен начин, изјави Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Што е тука сомнително? Првите два рангирани проекти се одбиени, а следен кој бил одобрен е третиот проект на братот на пратеникот од СДСМ, Диме Велковски, проектот познат во јавноста за избери сирење, во вредност од над 125.000 евра за кој говоревме во нашите прес конференции претходно. Одобрен е и проектот на фризерницата ВЕЗ Трејд, на пријателот на Лидија Димова, кој што може да се видат заедно во кафеана на фотографии, кои има можеби најмалку бодови доделени од страната на евалуаторите, но сепак од комисијата бил одобрен иако според одредени членови во Законот пропишани имало судир на интереси од страна на ВЕЗ Трејд со вработена во Националната агенција. Најверојатно ова не го препознале во агенцијата или не сакале да го препознаат“, кажа тој.

Од друга страна, додаде Арсовски, проект кој има 80 бодови, односно два бода повеќе од проектот на фризерницата, не е одобрен и е одбиен под образложение дека има судир на интереси, за што истата организација тврди дека не е точно и веќе има поднесено правни тужби до Управен суд и правна претставка до Брисел.

„Ова беше причината за која јавно баравме да бидат објавени рангирањата на проектите, а Лидија Димова свесно ги криеше бидејќи најверојатно имало сомнителни чекори во доделувањето. Лицемерно е доколку Лидија Димова биде само променета од позицијата, туку треба да биде извршена и истрага и нормално на крај доколку се утврдат неправилности за кои што веќе се гледа дека постојат, да одговара и кривично. Ова е еден од стотиците скандали и криминални сомнежи во функционирањето на Владата на СДСМ, а Вилма Русковска и Љубомир Јовевски сепак спијат и не сакаат да ги видат“, обвини Арсовски.

Share
Scroll to Top